Мислења
Уште една изгубена година
Лазар Еленовски
Човечки е „надежта прва да доаѓа, а последна да умира“. Но, и за неа - треба да се избориме!
Како што е редот, крајот на годината се користи да се сумира годината. Што се случи во 2010 година за Македонија, дали можеме задоволно да ја испратиме? Дали се отвори некој нов значаен економски капацитет? Дали економијата заживеа, покажа поголем раст во БДП или нивото на странски инвестиции беше значително поголемо? Или, можеби, имаме значаен успех во евроатлантската интеграција или некој друг бенефит во надворешната политика? Дали целото општество дополнително се стабилизира, реформира, институциите на системот зајакнаа или скандинавски се подигна нивото на човекови права, демократија и стандард на населението? Тоа би требало да бидат основните приоритети за секоја држава и општество.
Да констатираме веднаш - ништо од ова не се случи! Тогаш, како ни помина 2010? Да се потсетиме дека годината ја одбележаа проектот „Скопје 2014“, иако никаде не може да се најде во проширената и надградена 2008 година програма на владејачката партија, уште помалку кај нејзиниот владин партнер ДУИ. Скандалот со енциклопедијата, која исто ја нема во програмата на ДПМНЕ. Скандалозно најавените перипетии со уставните промени кои по две-тримесечни дебати и т.н. лидерски средби беа уште поскандалозно повлечени. Или, што би рекол премиерот, „пу, пу, пу, скраја да е“. Едноставно, изгубено време. Во паузата, можеби најголемото задоволство беше Светското фудбалско првенство. Понатаму, фарсата со лустрацијата. Шоуто со А1. Постојаната примитивна кавга меѓу ДПМНЕ и СДСМ. И, се разбира главното, доследноста на Владата од 2008 година во глумењето преговори за прашањето со името. Исто така, по некое апсење, некој поситен скандал, бран поскапувања и многу црна хроника. Едноставно, многу изгубено време.
Како што може лесно да се забележи, комплексот прашања со комплексот одговори се фрапантно различни. Толку се различни, а природно би требало да тежнеат едни кон други, што човек едноставно се прашува дали тука станува збор за некое чудо или за застрашувачка девијација од системски тип! Дали ние живееме во реално време со реални предизвици и проблеми какви што се поставените прашања? Или живееме во виртуелното време на нашите властодршци кои ни го создаваат виртуелниот свет како наркотик за да избегаме колективно од суровата стварност? Нешто како - Lucy in the Sky of Diamonds.
Ако мора да се даде одговор на поставените прашања тогаш би кажале дека за голем економски капацитет премиерот немаше шанса да фрла лопата, но затоа фрлаше за секое ново игралиште или терен во
државата, за секој камен темелник за сала, патче, чешма и што било друго.
Економскиот раст продолжи да се движи околу позитивната нула, а нивото на странски директни инвестиции е убедливо најниско во регионот. И покрај сите високобуџетски рекламни кампањи на владата низ светот за „економскиот рај“ во државава и умешноста на економските промотори и дипломатијата, СДИ не можат да се помрднат од годишните 100-150 милиони долари. Само за споредба која доволно кажува каде сме, и уште повеќе, каде ќе бидеме утре ако вака продолжиме, кај претпоследното во регионот, соседно Косово, држава завчера формирана, нивото на СДИ за последните три години (2007-2009) е - преку 1 милијарда евра. Башка повеќеилјадната армија странски претставници што од НАТО, што од ЕУ, ОН и другите што редовно прима и троши европска плата во Косово.
Евроатлантската интеграција останува трета година едноподруго блокирана со нерешавање на прашањето на меѓународното име на Република Македонија. Но, затоа премиерот, најверојатно, спо��ед примерот на Александровите глобалистички тежненија уште од тоа време, прави геополитичко изненадување (за сите ?!) и се сретнува со диктаторот Мугабе за да разговараат, за што друго, ако не за ефектите од глобализацијата!
Во однос на демократијата, од Скандинавците сме далеку, поточно „секаква споредба со личностите и дејствата е случајна“. Таа кај нас се' уште функционира многу едноставно - на „наши“ и „ваши“! Или - за нашите се', а за сите други - ништо. Чисто, јасно и гласно, имајќи ја предвид транспарентноста на Владата.
Сиромаштијата во Македонија во 2010 година се зголеми и го помина прагот од 30 отсто од вкупното население. За овој поразителен податок секој коментар е непотребен.
По вакво едно сумирање на резултатите, на човек не му останува ништо друго освен да се запраша дали овие луѓе, нашите властодршци, чувствуваат каква било одговорност? Бидејќи, толку ја превртија стварноста на глава, што главен проблем не се реалните проблеми на луѓето и државата, туку самите тие! Загрижени за нив, се прашуваме, боже прости им, дали знаат каде се, во која држава и во кое време. Или, како и нивните претходници ги зела временската машина и се во бестежинска состојба. Оттаму различниот впечаток за реалноста кај нас и нив.
Но, тука не е крајот за жална Македонија. За волја на вистината, ова не е само една изгубена година за Македонија. Ова е епизода 19 од истиот серијал на омнибус филмот „Лет во место“ - за граѓаните и „Лет над кукавичкото гнездо“ - за нашите властодршци.
Сепак, 2010 година нема да ја испратиме задоволни како држава. Можеби најголемото задоволство е што таа ќе заврши, а ќе дојде 2011 година. И ако се потврди правилото како во 1991 година, кога ја формиравме државата, во 2001 го добивме новиот Устав - и во 2011 треба да очекуваме нешто битно да се случи. По 20 години, време е да ја затвориме оваа транзициска приказна и да дојде редот на демократијата и развојот. Бидејќи човечки е „надежта прва да доаѓа, а последна да умира“. Но, и за неа - треба да се избориме!
(Авторот е претседател на СДУ) |