ЕДИТОРИЈАЛ
Молкот ја уништува културата
Тина Иванова
Квалитетно издржан, сериозен културен проект, со естетска и уметничка содржина на високо ниво е вистинска реткост денес. Во сферата на културното живеење уметничките проблесоци едвај можат да се избројат на прстите од едната рака. Кризата во културата веќе одамна се чувствува. Македонските културни институции особено, длабоко се нурнати во еден вакуум исполнет со безидејност, монотоност, старомодност.
За прогресивните уметнички креации во светот само слушаме од информативните гласила. Нив овде не можеме да ги видиме. А, за македонските прогресивни, современи идеи можеби почесто слушавме во минатото. И со нив се' уште се фалиме. Но, на старата слава не можеме толку долго да живееме.
Аналитичарите на културните состојби велат дека моментно се' е подредено на квантитетот. Да има, и тоа колку што може повеќе. А, квалитетот, естетскиот момент, високото уметничко ниво во креирањето на програмата на културните куќи како да е од второстепено, третостепено значење. Се' се сведува на една обична рутинска практика.
Културните продукти се зачмаени, оти и менаџирањето во културата е заспано. И тоа е така, и покрај големиот број професионални уметнички имиња кај нас кои имаат капацитет да ја кренат културата од својата статична состојба. Очигледно, и партизацијата си го направи своето. Креаторите на македонската културна политика раководат од кабинетите, без да имаат контакт со животот, со стварноста. На чело на институциите од културата е важно да дојдат партиски одобрените, а не уметнички надарените и способните.
Се избркаа уметноста и естетиката од стратегиите за културата. Се форсираат идеолошки подобните, партиски послушните. Таа инквизиторска политика е присутна во сите пори на општеството. Но, во културата, се чини, е највидлива, токму поради безидејноста. Поради партиската селекција на кадрите. На авторите, на уметниците.
Тоа се случува во сите сегменти на општественото живеење. Од естрадната, онаа забавната сцена ако сакате, по се' до најсуптилните уметнички средини каде што треба да се негува естетиката. Првиот удар е во вработувањата во културата. Ако нема амин од партиските комитети, нема работа. Не е важно како глумиш или како свириш. Имаш ли партиска препорака или бркај си тезги. Лепачи на пропагандни изборни партиски плакати стануваат значајни шрафчиња во културните институции.
Популистички централизираните „културни бранови“ го деградираат врвното уметничко творештво. Културната база е развластена, политичките комесари ги „режираат“ сите културни настани каде што се даваат државни пари. Културната централизација ја уништува инфраструктурата. Се' се чека „од горе“. Владата издава книги, преведува литература. Таа директно решава какви настани ќе се финансираат, кои странски уметници ќе доаѓаат.
Партиски селектори ги составуваат македонските културни делегации за разни фестивали каде што се претставува македонската култура. Критиката молчи, уметниците веќе речиси и не зборуваат меѓу себе за творештвото, за настапите. Голем дел од нив, се резигнирани. Или се откажуваат од своите идеи, зашто тешко можат да ја остварат нивната реализација, или ги ставаат во фиока, чекајќи некои подобри времиња, времиња во кои ќе има шанса за културни блесоци.
Нема револуција, нема протести, го нема гласот на уметноста, гласот на уметничките дела кои можат и тоа како да ја променат состојбата, да делуваат, да влијаат, да тераат напред. Молкот ја уништува културата. Молкот на уметниците, всушност, сега и најгласно се слуша. Само, дали некој умее да го слушне? |