Тука е лесно да прогласиш кодош
Лустрацијата се спроведува карикатрурално и претставува навреда за една држава, велат аналитичарите
Оливера Војновска
Дали Македонија е способна да спроведе правична лустрација и какви неоспорни факти се потребни за некој да биде прогласен за кодош? „Нема потреба од никакви докази. Одлична работа ќе завршат еден компјутер и некаква копија од печат. И, на рака имате досие за кого сакате и какво што сакате. Потоа со ’крунскиот доказ‘ во папка се мавта пред Комисијата за лустрација. А за да биде впечатокот посилен задолжително се носат шапка и црни очила“. Вака сликовито професорот на Универзитетот на Југоисточна Европа, Имер Исмаили, ја опишува македонската лустрација што ја квалификува како криминална.
Дворската лустрација беше топ-тема во јавноста и ги засени сите настани во изминативе три месеци. Кулминација имаше во периодот околу Самитот на НАТО во Лисабон и кога се очекуваше извештајот на Европската комисија. Досега единствена жртва на лустрацијата е поранешниот претседател на Уставен суд, Трендафил Ивановски, за кого е во тек жалбената постапка пред Врховен суд. И додека лустраторите не ја верификуваа изјавата само на уставниот судија (а проверени се највисоките државни функционери - претседателот, спикерот, премиерот, пратениците, министрите), во албанскиот политички блок вистински земјотрес направија контроверзните документи никнати по дворовите во Тетовско. Но, дури откако „Вујко“, „Мама“, „Стрелец“ и „Ибар“ предизвикаа огромна политичка бура во државата и сериозно ги разнишаа угледот на Али Ахмети и на неговата ДУИ, лустраторите открија дека не се веродостојни документи, туку плагијати.
Познавачите на нашите политички прилики се децидни дека лустрацијата целосно ја изгуби смислата и место институционално се спроведува од улица. „Овој процес ја промаши целта и се користи исклучиво за политичка пресметка. Македонската лустрацијата се спроведува карикатурално и претставува навреда за една држава. Комисијата за лустрација го изгуби кредибилитетот. Ирелевентно е што ќе кажат лустраторите, дали некој бил кодош или не. Никој повеќе не верува во нивните одлуки и, за жал, целиот процес стана предмет на потсмев“, вели професорот Ибраими.
И универзитетскиот професор Стево Пендаровски со жалење констатира дека во Македонија нема законска лустрација, туку партиска. „Ако во Комисијата за лустрација има прегласување, тогаш е јасно дека намерата е некој да се заштити. Во случајов тоа беа луѓе од власта. Поранешниот претседател на Уставен е најдобра илустрација за политизирање на лустрацијата. Тој неколку месеци претходно беше напаѓан од премиерот за одлуките што ги носи Судот“, вели Пендаровски. Според него, легитимитетот на процесот на лустрација е комплетно уништен. „Сведоци сме на внатрешна политичка пресметка кај Албанците. Нетрпеливоста меѓу клучните лидери постои уште од конфликтот во 2001 година. Сега, во таа битка да се оцрни противникот, се користи и лустрацијата. Токму поради уличниот начин на кој се спроведува, ентузијазмот на јавноста е драстично намален и многумина изгубија надеж дека може да се направи легитимен процес“, смета тој.
Минатата недела нашата тажна лустрациска приказна имаше ново продолжение. Лидерот на Албанскиот сојуз, Ваљон Беља, покажа материјали за кои тврдеше дека имаат несоборливи докази оти Ахмети бил соработник на УДБ-а. Но, Беља не и' верува на Комисијата за лустрација и документите нема да ги достави до неа.
Неодамна, Дојче веле пренесе текст од швајцарскиот весник „Ноје цирихер цајтунг“ под наслов „Лустрациски циркус во Македонија“, во кој заклучува: „Едно е јасно: лустрацискиот процес во Македонија пропадна“. На државните институции им недостасува довербата од граѓаните, со цел да работат независно, и покрај обидите на моќниците да извршат влијание. Без институционален авторитет, лустрацијата се претвори во изговор за да се оцрни политичкиот противник. Оваа епизода, пред се', покажува дека Македонија има проблем да се соочи не со минатото, туку со сегашноста“.
|