За Бостон 12. победа во низа
Кошаркарите на Бостон ја забележаа 20. победа, 12 во низа, во оваа сезона во НБА лигата. „Селтикси“ славеа над Индијана, во гости, со 122:117, а нивни лидер беше Реј Ален кој постигна 35 коша.
И покрај поразот „пејсерси“ одиграа одлично против актуелниот шампион и најдобар дефанзивен состав во лигата и можат да се гордеат бидејќи се еден од двата тима кои го добија Бостон сезонава. Вториот е Денвер.
Ален имаше помош од тројца свои соиграчи кои значајно придонесоа во најновиот триумф на „селтикси“. Кевин Гарнет оствари 17 коша, 20 скока и пет украдени топки, Пол Пирс имаше ефект од 17 поени и осум скока, Еди Хаус постигна 15 коша.
Тимот на Лос Анџелес Лејкерс славеше во „Стејплс“ центар над Милвоки со 105:92. Стандардно добар кај „езерџиите“ беше Коби Брајант со 20 коша и осум асистенции.
Во останатите два меча вчера утро Њујорк беше подобар од Детроит со 104:92, а Портланд од Торонто со 98:97.
Резултати: Индијана - Бостон 117:122, Л.А. Лејкерс - Милвоки 105:92, Њујорк - Детроит 104:92, Торонто - Портланд 97:98. |