Интер гази, Јуве и Милан го следат
„Нероазурите“ го поразија Лацио во Рим со 3:0, „старата дама“ подобра од Лече со 2:1, „росонерите“ од Катанија со 1:0
Интер продолжува да „гази“ се' пред себе. Лидерот во Серија А викендот ја оствари 11 победа сезонава, пет во гости, откако славеше во Рим над Лацио на Горан Пандев со убедливи 3:0 во рамки на 15. коло во италијанскиот фудбалски шампионат. Творци на триумфот на Интер беа Самуел во втората минута, Дијаките ја погоди сопствената мрежа во 45, Ибрахимовиќ стрелаше прецизно во 55. Нашиот репрезентативец одигра само 31 минута против „нероазурите“, а неговото место на теренот го зазеде Томазо Роки.
Полн погодок викендот забележаа и двата тима кои му дишат во врат на составот на Жозе Мурињо, Јувентус и Милан. „Старата дама“ славеше во гости кај Лече со 2:1 благодарение на голот на Амаури во 90 минута. За тимот од Торино претходно погоди Џовинко во 57 минута, Кача израмни на 1:1 во 83 минута.
Три бода на домашен терен освои и Милан, чии фудбалери потешко од очекувањата, го скршија „тврдиот орев“ од Сицилија, тимот на Катанија со 1:0. Спасител на четата на Карло Анчелоти беше Кака кој го постигна единствениот гол во натпреварот во 69 минута. Во составот на „росонерите“ се врати капитенот Паоло Малдини, а стартер беше и Украинецот Шевченко, кој доби шанса на местото на повредениот Роналдињо.
Убедлива победа забележа екипата на Фиорентина која во една од најдобрите партии сезонава триумфираше на тревникот на Торино со 4:1. „Виолетовите“ „покажаа заби“ уште во третата минута кога погоди Муту од слободен удар. Една минута пред одморот во листата на стрелците се запиша и Џилардињо, на 3:0 зголеми Кузмановиќ, а четвртиот гол за калчолигашот од Фиренца повторно беше дело на Џилардињо во 85 минута. Почесниот гол за домашните го постигна Росина од пенал во 77 минута.
Успешен викенд имаа и Наполи, кој пред своите гледачи ја совлада Сиена со 2:0, Аталанта во Бергамо го порази Удинезе со 3:0 и Рома која во гости ја доби пресметката со фенерџијата Киево со 1:0.
Серија А, 15. коло
Резултати: Сампдорија - Џенова 0:1, Лече - Јувентус 1:2, Аталанта - Удинезе 3:0, Реџина - Болоња 2:2, Наполи - Сиена 2:0, Милан - Катанија 1:0, Калјари - Палермо 1:0, Торино - Фиорентина 1:4, Лацио - Интер 0:3, Киево - Рома 0:1.
Табела: Интер 36, Јувентус 30, Милан 30, Наполи 27, Фиорентина 26, Џенова 25, Аталанта 23, Лацио 23, Катанија 22, Удинезе 21, Палермо 20, Калјари 20, Рома 20 (-1), Сиена 19, Сампдорија 16 (-1), Лече 13, Торино 12, Реџина 12, Болоња 11, Киево 9.
|