Шустер: Немаме шанси со Барса, тие растураат
По новиот шокантен пораз од Севилја 3:4, тренерот на Реал М. ја урива „кралската гордост“
На шест дена пред големото дерби со Барселона, Реал М. доживеа уште еден тежок удар. Овојпат од Севилја на свој терен загуби со 3:4. Тренерот Бернд Шустер, кој можеби наскоро тоа нема да биде, ја урна „кралската гордост“ и изјави дека неговиот тим нема шанси против Барселона. Можеби не станува збор за лукавост, тука за вистински песимизам, бидејќи Реал М. заостанува девет бода зад Каталонците, му недостасуваат низа важни играчи, одбраната е катастрофална, а дербито се игра на „Ноу камп“.
„Мечот со Барселона ме загрижува помалку од било кој друг натпревар. Таму не е можно да се победи, бидејќи Барселона растура и мислам дека ова ќе биде нејзина година“, изјави Германецот и додава: „Мојот тим може таму да остави добар впечаток и ништо повеќе од тоа“.
Инаку, Реал М. покрај тоа што беше поразен од Севилја на овој натпревар остана и без двајца играчи. Исклучен беше Робен, а Марсело доби петти жолт картон. „Се молевме некој да не се повреди, а двајца се сега суспендирани. Катастрофа“, вели Шустер.
Шпанските медиуми пишуваат дека Севилја победила со помош на судиите, бидејќи Палоп направил очигледен пенал, меѓутоа наместо најстрога казна судијата го избрка Робен поради приговор. Тоа се случи при резултат 3:3, а набргу Севилја го постигна четвртиот и одлучувачки гол.
Без разлика на коментарите на шпанските медиуми Реал М. и Севилја одиграа ретко виден натпревар. Тоа и се очекуваше од овие две екипи, кои играат напаѓачки фудбал. Паднаа седум гола, а можеа да паднат 20. Серијата уште во втората минута ја започнаа гостите преку Адријано. Реал М. израмни преку Раул во 18 минута, а до полувремето Севилја постигна уште два гола (Ромарик 22 и Кануте 39). Во вториот дел Реал М. израмни на 3:3 (Игуаин 67 и Гаго 69), но во 88 минута херојот на Севилја Ренато ги постави конечните 4:3.
Резултати од 14. коло: Реал М. - Севилја 3:4, Осасуна - Валјадолид 3:3, Депортиво - Малага 2:0, Мајорка - Хуелва 2:3, Сантандер - Билбао 1:1, Бетис - Еспањол 1:1, Барселона - Валенсија 4:0, Вилјареал - Гетафе 3:3.
Табела: Барселона 35, Вилјареал 29, Валенсија 27, Севилја 27, Реал Мадрид 26, Атлетико М. 24.......
Тотенхем го враќа Роби Кин
Џејми О’ Хара, кој се покажа во одлично светло сезонава и Арон Ленон, кој со години фигурира како наследник на Дејвид Бекам, би тргнале на пат кон „Енфилд“, а Роби Кин би се вратил во Тотенхем.
Хари Реднап по секоја цена сака да го врати ирскиот репрезентативец, кој ова лето мина во Ливерпул за 20 милиони фунти. Сега Реднап сака да го врати во старото јато за пет милиони и двајца играчи.
Кин не се снајде во Ливерпул. Заби само два гола во 15 настапи и натпреварите секогаш ги почнува од клупата. Иако, на Рафаел Бенитез му е потребен играч по десната страна, како Ленон, сепак, и Кин му е потребен бидејќи има само двајца напаѓачи Торес и Кајт на кои им е потребна ротација.
Задар и Шибеник лажирале натпревар
Хрватскиот интернет сајт „Индекс“ поседува ексклузивен видео материјал на кој се докажува дека натпреварот меѓу Задар и Шибеник, кој го доби домаќинот со 1:0 е лажиран. Тоа го признава и Камерунецот, кој игра за Шибеник, Патрис Кведи. За овие податоци веднаш се заинтересираа хрватските надлежни институции, кои најавија темелна истрага. Кведи меѓудругото признава дека Задар вратил за услугата бидејќи „тие нам ни помогнаа минатата сезона кога требаше“, притоа потврдувајќи ја надалеку познатата, но како што велат хрватските медиуми, за прв пат докажаното тврдење дека играчите се обложуваат на сопствените натпревари.
Сао Паоло трет пат едноподруго првак на Бразил
Фудбалерите на Сао Паоло трет пат по ред се шампиони на Бразил откако во последното коло славеа на гостувањето кај Гоиас со 1:0. Тоа е шеста титула во историјата на клубот, кој го носи името на најголемиот град во Бразил. Контра Сао Паоло, катастрофа доживеа Васко де Гама, кој испадна од лигата. Покрај него елитата ја напуштија и Фигуеренсе, Ипатинга и Португеса.
Табела: Сао Паоло 75, Гремио 72, Крузеиро 67, Палмеирас 65, Фламенго 64.......
Роналдо ја допре „Златната топка“
Фудбалерот на Манчестер јунајтед Кристијано Роналдо и официјално ја доби „Златната топка“ на „Франс фудбал“ за најдобар фудбалер изминатата сезона и рече дека својата иднина ја гледа во Манчестер јунајтед, откако пропадна трансферот од соништата во Реал Мадрид. „Играм за Јунајтед пет години и се чувствувам како дома. Освоив многу, но не сакам да сопреме тука. Важно е кога ќе се стигне на ова ниво да се задржиш таму подолго. Сакам да продолжам со напредокот и колективно и индивидуално“, изјави Роналдо, кој дојде во Јунајтед во 2003 година, а минатата сезона постигна 42 гола и така му помогна на клубот да ја освои Лигата на шампиони и Премиерлигата. Тој е четврти играч на Манчестер Ј. што ја добива оваа награда по , Денис Лоу 1964, Боби Чарлтон 1966 и Џорџ Бест 1968 година.
Видиќ: За малку ќе го напуштев Јунајтед
Немања Видиќ во саботата на Манчестер јунајтед му донесе големи три бода во дуелот со Сандерленд. Србинот натрча на одбиената топка од стативата и во 90 минута спречи изненадување. „Ова е мојот момент на кулминација во Jунајтед. Пресреќен сум. Не ни одеше цел натпревар, но на крајот дадовме гол“, изјави Видиќ, кој откри дека размислувал да го напушти Јунајтед. „Ми беше многу тешко да се снајдам. Имав проблем со повреди, а ритамот во Премиерлигата е страшен. По само два месеца сакав да заминам. Но Фергусон постојано ми велеше дека се' ќе биде в ред. Тоа ми донесе голема самодоверба“, вели Видиќ, кој досега има осум гола во дресот на Јунајтед.
Табела: Ливерпул 37, Челзи 36, Манчестер јунајтед 31 (-1), Арсенал 29, Астон Вила 28, Хал 26......
Навивачот на Марсеј осуден на три и пол години затвор во Шпанија
Навивачот на Олимпик Марсеј, Сантос Марсијер, поради напад на полицаец на натпреварот од Лигата на шампионите против Атлетико Мадрид, вчера е осуден на три и пол години затвор, пренесоа шпанските медиуми. Иако, обвинителството побара осум години затвор и оваа казна ги шокира Французите.
„Не можам да поверувам дека нашиот навивач стана жртвено јагне“, изјави претседателот на Марсеј, Пап Диуф.
Инаку, пред неколку дена фановите на Марсеј испратија пораки на интернет дека сурово ќе им се одмаздат на навивачите на Атлетико М. По пресудата постои огромен страв дека ситуацијата ќе се радикализира.
|