Трибуналот не открива дали Тарчуловски ќе се сели
Хашкиот трибунал не ја потврди информацијата објавена вчера во некои медиуми дека претседателот на Судот донел одлука Јохан Тарчуловски да ја издржува казната во друг затвор, односно да биде префрлен во друга држава.
Портпаролот на Трибуналот, Нерма Јелич, изјави дека во овој момент не може да потврди дека таква одлука е донесена од претседателот на Хашкиот трибунал.
„Во секој случај практика на Трибуналот е да ја објави одлуката за префрлање на осуденик откако ќе се случи тоа префрлување, односно кога ќе биде симнат превезот на тајност што значи кога одлуката ќе биде достапна за јавноста“, рече Јелич. Адвокатот на Тарчуловски, Антонио Апостолски, за МИА изјави дека не може да ја коментира информацијата за префрлање на Јохан во затвор во Германија.
Во Правилникот на Хашкиот трибунал се предвидува одлуката за тоа каде да се служи затворската казна да се донесува врз основа на тоа дали државите прифатиле да земат хашки осуденици во своите затвори. Претседателот на Судот добива листа на тие држави, а може и да се консултира со осуденикот за местото каде што ќе ја издржува казната.
Тарчуловски и Бошкоски беа единствени македонски државјани, кои беа процесуирани во Судот во Хаг за случувањата за време на конфликтот во Македонија во 2001 година. Судскиот совет на 12 јули 2008 година го ослободи Бошкоски од обвиненијата за извршените злосторства во скопското село Љуботен, а Тарчуловски го осуди на казна затвор од 12 години. Јохан Тарчуловски е во затворот во Шевенинген од 16 март 2005 година, кога по барање на Хашкиот трибунал беше екстрадиран од Македонија во Холандија.
Тарчуловски може да бара помилување откако ќе одлежи две третини од казната, односно најрано за три години. (МИА) |