Умреа уште два елена во ЗОО
Уште два елена се жртви на нехуманиот транспорт на животни од загрепската до скопската зоолошка градина. По двете гнуа, кои умреа во текот на патувањето, веднаш по пристигнувањето во Скопје, пцовисале и уште две од вкупно деветте животни што беа донација од загрепската ЗОО. Причината за смртта е топлотен удар предизвикан од недоволна циркулација на воздух во тесните кафези, потврдила вет��ринарната обдукција. Директорот на Зоолошката градина, Дане Кузмановски, вчера ги презентираше резултатите, информирајќи дека животните патувале во кафези што биле потесни и од распонот на нивните рогови и за време на патувањето воопшто не им била дадена вода. Биле сместени во обичен камион, а не во специјализирано возило за транспорт на животни, како што било договорено со хрватскиот транспортер „Беро“ од Врбовци. Температурата во камионот била над 40 Целзиусови степени и вистинско чудо е што преживеале останатите животни. Тие се добри и сместени се во своите кафези во нашата ЗОО градина, информираше директорот Кузмановски.
За нехуманиот транспорт со трагични последици, прекршочна казна од македонската инспекција веќе добил транспортерот „Беро“, кој платил 500 евра. Сега директорот Кузмановски најавува и тужби против него и против загрепската ЗОО, која, всушност, го понудила овој транспортер како најсоодветен, бидејќи поседувал токму такво специјализирано возило за транспорт. За превозот му биле платени 3.000 евра. (С.Н.) |