Рударите преживеаја 18 дена под земја со туна и млеко
КОПИЈАПО - Триесет и тројцата рудари кои се заглавени во просторија од 150 квадратни метри поради уривање на карпа во рудникот за злато и бакар во Сан Хозе и натаму се во добра психичка состојба, откако го информираа светот за своето преживување за време на викендот со испраќање порака преку отворот. И покрај доброто расположение што завладеа меѓу Чилеанците, експе��тите предупредуваат дека вистински предизвик за заглавените рудари ќе биде да го одржат здравиот разум во текот на следните четири месеци, колку што би можело да трае изградбата на подземен тунел за излез. Откако во понеделникот воспоставија контакт со спасувачите, на рударите не им беше кажано дека спасувањето може да трае до Божик.
Официјалните лица, кои се прегрнуваа и плачеа кога дознаа дека тие се живи, го предупредија светот оти нивното извлекување ќе биде долга и технички комплексна операција, која некои набљудувачи ја опишаа како „хумана одисеја“. Користејќи пластични туби за снабдување, наречени „гулаби“, работниците почнаа да им испраќаат гликоза, вода, кислород и лекарства на рударите во близина на градот Копијапо, на 848 километри северно од Сантијаго. „Ние сме добри. Чекаме да не' спасите“, рече Луис Урзуа, водач на смената во рудникот. Затрупаните рудари се радуваа, извикуваа „Да живее Чиле“ и ја пееја националната химна.
Комуницирајќи преку интерфон, кој им беше доставен низ отворот со пречник од седумдесетина сантиметри, рударите кажаа како преживувале со два залака туна и половина чаша млеко на секои два дена. Во засолништето има храна за вонредни ситуации. „Секому му следувале по две мали лажички туна и половина чаша млеко и бисквит на секои 48 часа“, вели д-р Серхио Агуила, кој беше дел од спасувачкиот тим. Тој додаде дека тие се во добра здравствена и психичка состојба, а иако имаат вода тие се гладни.
Од камерата што беше спуштена во јамата преку тесниот отвор се гледаат испотени и разголени рудари во засолништето, каде што температурата достигнува до 36 степени, меѓутоа, мавтаат во камерата и изгледа дека се во добра состојба. „Тие побараа храна, четкички за заби и нешто за очите“, вели Лоренс Голборн, министер за рударство. Меѓутоа, главниот инженер, Андрес Сугарет, призна дека не им кажал на рударите колку долго ќе трае операцијата за спасување. „Папочната врвца е подготвена“, рече тој. „Сега следува градежен проект, топографија, па потоа се почнува со ископувањето“. Тој додаде дека спасувачите, колку што е можно подобро, ги организираат семејствата на рударите во мали групи да разговараат со најблиските. Тој претходно предупреди дека ќе бидат потребни 120 дена за да се издупчи отвор доволно широк за да бидат извлечени рударите еден по еден.
Веќе се работи на два помали отвора, вели тој, еден со кој ќе се обезбеди вентилација, а друг за одржување на комуникација покрај отворот на околу 3,68 километри од влезот на рудникот. Марио Гомез (63), најстариот рудар, во писмото испратено преку отворот до неговата сопруга вели дека групата е подготвена на долго чекање. „Дури и ако требаше да чекаме со месеци за да комуницираме сакам да ви кажам на сите дека сум добар и сигурно ќе излезам, во ред“, напиша тој.
Давит Мекатир, американски експерт за безбедност во рудниците, изјави дека групата треба да остане во добро психичко здравје во следните неколку месеци, но ќе треба да се преземат напори за да се заштити нивната ментална состојба. „Ризиците по здравјето во рудникот за бакар и злато се навистина мали ако има воздух, храна и вода“, изјави тој. (Teлеграф) |