Опозицијата во Бугарија е на пат да ги порази социјалистите
Според анкетите, Бојко Борисов и неговата партија ГЕРБ ќе освојат до 32 отсто од гласовите
СОФИЈА - Бугарската централно-десничарска опозиција е на пат да ги порази владејачките социјалисти на општите избори закажани за в недела, но ќе и' биде тешко да формира доволно стабилна владејачка коалиција, посочуваат експертите. Според последните анкети, градоначалникот на Софија Бојко Борисов и неговата новоформирана партија ГЕРБ ќе освојат од 28 до 32 отсто од гласовите, многу повеќе од премиерот Сергеј Станишев и неговата поранешна комунистичка Социјалистичка партија со 17-22 процента.
Според тоа, без убедливо мнозинство во многу расцепканиот парламент со 240 членови, Борисов ќе биде принуден, за да владее, да коалицира со најмалку други две помали десничарски формации, и голема е веројатноста дека сите разговори за формирање коалиција ќе се покажат како тешки, откриваат аналитичарите. Борисов, 50-годишен поранешен телохранител и генерал-полковник во полицијата, веќе ја отфрли можноста за широка десничарско-левичарска коалиција со социјалистите. И социјалистите би можеле да увидат дека е многу потешко да се постигне договор за делење на власта, по четирите години во коалиција со либералната НМСП на поранешниот протеран цар Симеон Саксобурготски и партијата МРФ на турското малцинство, што беа прослeдени со голем број скандали.
Поради тоа, голема е веројатноста дека разговорите за формирање коалиција ќе траат во текот на цело лето, и веројатно наесен ќе се појави потреба за нови избори, па аналитичарите се загрижени од политичкиот ќор-сокак токму кога се очекува економската криза во Бугарија да достигне врв. „Има голем број постизборни сценарија. Најлошото би било анархија во услови на криза“, изјави Станишев во интервјуто за весникот „24 часа“. „Моментно најважна работа е да се истуркаат следниве 12 месеци без поголеми штети“, изјави тој. И економскиот тим на ГЕРБ се согласува со тоа. Меѓутоа, во неодамнешното интервју за АФП, Борисов инсистираше на тоа дека формирањето на владата нема да претставува крај на проблемите. Тој изрази скептицизам во однос на формирањето на каква било коалиција.
И ГЕРБ и социјалистите како свој приоритет го посочуваат подобрувањето на имиџот на Бугарија како најсиромашна и најкорумпирана земја-членка на ЕУ. Станишев го надгледуваше тешкиот пристап на оваа балканска држава во 27-члената Унија во 2007 година. Меѓутоа, неговата влада ја презеде вината за одлуката на Брисел да се замрзнат ст��тици милиони евра финансиска помош поради загриженоста околу бројните измами и проневери на пари од фондовите на ЕУ.
Корупцијата и тврдењата за купување гласови досега подеднакво ја извалкаа изборната кампања, и покрај обемната кампања за информирање на јавноста и воведувањето големи парични, дури и затворски казни за оние кои ќе се прогласат за виновни за прифаќање или за нудење мито за гласови. Сепак, според неодамнешната анкета на Државниот институт НЦИОМ, 12 проценти од Бугарите се изјасниле дека сиромаштијата би можела да ги принуди да прифатат пари за купување на нивниот глас за време на изборите.
Друг нов феномен, кој сигурно нема да го подобри имиџот на Бугарија дома и во странство, е бројот на осомничени криминалци, некои од нив веќе се изведени пред суд, кои се кандидираат за парламентарци. Користејќи ја предноста од законите за имунитет, што важат во земјата, кои автоматски ја суспендираат секоја судска постапка од моментот кога лицето ќе се регистрира како политички кандидат па до крајот на мандатот, доколку биде избран, голем број бизнисмени со лоши репутации се кандидираат за парламентарци. Еден таков пример се таканаречените браќа Галеви, Пламен Галев и Ангел Христов, кои, како што се верува, го контролираат јужниот град Дупница. И против двајцата се води истрага за рекет, но беа пуштени од притвор веднаш штом се регистрираа како кандидати. Галев дури има шанси да биде и избран.
Аналитичарите наведуваат дека неодамнешните промени во пропорционален систем на гласање, каде што 31 од 240 пратеници, или еден од секоја гласачка единица, сега се избира директно, ја помогнаа оваа практика, бидејќи им се дозволува на луѓето да се кандидираат како независни кандидати без да имаат поддршка од одредена политичка партија. Останатите 209 парламентарни места се доделуваат врз пропорционална основа.
Прв пат по многу години набљудувачите на ОБСЕ ќе го следат неделното гласање. Повеќе од 6,8 милиони Бугари имаат право на глас, а се предвидува дека одзивот на гласачите ќе биде околу 60 проценти, што е зголемување од оние 56 проценти на минатите избори. (Фокус) |