03.01.2012, 18:38 Комеморациjа во Собранието на Македониjа
Неговиот живот е историја на државата
„Животот на Киро Глигоров беше историја на македонската држава. Беше соработник и на Шатев и на Влахов, на Панко Брашнаров и на Ченто, беше и на АСНОМ и на основањето на независноста, а на 74-годишна возраст застана на чело на државата“, истакна претседателот Ѓорге Иванов на вчерашната комеморативна седница во Собранието. Тој потсети дека Глигоров ја имаше историската улога прв да застане на чело на независна и суверена Македонија во време кога државата беше негирана, блокирана и игнорирана. Во такви услови, тој внимателно го пробиваше патот на земјава кон нејзино меѓународно признавање.
„Кога прв пат беше избран за претседател на Македонија, Глигоров го заврши своето инаугуративно обраќање во македонското Собрание со познатата историска максима ’Македонија е се' што имаме’. Преку таа мисла, тој го пренесе заветот на нашите предци. Воден од идејата да се биде свој на своето, да бидеме широко отворени кон светот, како целосно независен рамноправен и творечки субјект, Глигоров апелираше до меѓународната заедница да ја признае Македонија и да и' овозможи да воспостави стабилни односи со другите земји“, оцени Иванов. (Св.У.) |