03.01.2012, 18:41 Љубомир Фрчкоски: Голем демократ и македонист
Професорот Љубомир Фрчкоски, поранешен шеф на дипломатијата и близок соработник на Киро Глигоров, вели дека Македонија имаше среќа што во процесите на градење на државноста имаше претседател кој беше голем политичар и демократ. „И покрај тоа што сме мала држава, Глигоров успешно ја промовираше Македонија во светот и со него земјата доживеа огромен меѓународен углед“, вели Фрчкоски. Политичката ориентација на Киро Глигоров, според Фрчкоски, во о��нова е социјалдемократска, што се одрази и во економските реформи и во пристапот кон политичките процеси во транзицијата.
„Во основа, тој беше голем демократ, што е многу важно кај политичари кои ја изведуваат транзицијата на државата. Втора неговата карактеристика е дека беше голем македонист, што имаше, исто така, големо значење при формирањето на македонската држава. Трета негова особеност е што имаше здрав демократски пристап и во таа смисла тој ја постави новата држава во правец на мултикултурен демократски развој“, вели Фрчкоски.
Тој е горд на политичкото искуство што го имал со Глигоров. „Практично јас бев негов советник во сите разговори што ги водеше со други претседатели при распадот на Југославија и од тие состаноци ги имам сите белешки. Додека го креиравме македонскиот Устав, не се мешаше и потоа го поддржа без никакви интервенции“, вели Фрчкоски.
Суштински придонес на Глигоров за Македонија, според Фрчкоски, е одлуката за поцврстото поврзување со САД, со што се одреди и нашата меѓународна позиција подоцна.
„Две-три генерални линии на политиката што ја водеше ни остануваат како оставнина од Глигоров: демократската ориентација, бидејќи независно од сите транзициски проблеми, тогаш бевме многу подемократска држава од сега. Потоа, меѓународната промоција на една мала држава и врската со САД, НАТО и ЕУ, која се' уште е цврста и покрај обидите да се разниша“, вели Фрчкоски. (Св.У.) |