03.01.2012, 18:32 Штипјани се простија од својот сограѓанин
Комеморативни седници одржаа Организацијата на Сојузот на борците и Советот на Општина Штип
Иван Бојаџиски
Штип – Со комеморативни седници на Организацијата на Сојузот на борците и на Советот на општината и со потписи и пораки кои граѓаните ги запишуваа во големата книга на жалоста во центарот на градот, штипјани се простија од својот најистакнат граѓанин, првиот претседател на независна Македонија, Киро Глигоров. Вчера градот на Отиња беше најтажното место во Македонија, бидејќи претседателот Глигоров никогаш немаше заборавено од каде му се корените и секогаш кога ќе најдеше време беше меѓу своите сограѓани.
„Мирно и тивко, каква што беше и неговата личност, нашиот соборец и другар Киро Глигоров замина физички од нас. Тој беше таткото на нацијата, таткото на независна Република Македонија, човекот што како никој друг ги поврзува двата столба на кои се потпира современата македонска државност. Првиот столб е АСНОМ 1944 година, а вториот 8 Септември 1991, кога е прогласена независноста на нашата држава“.
Со овие зборови пензионираната професорка Блага Гајдарџиска се обрати пред членовите на боречката организација во градот. Гајдарџиска нагласи дека боречката организација е горда што во своите редови го имала и својот другар и соборец Киро Глигоров.
„Ја имавме честа, непосредно од него да ги слушаме советите како да се премостат наизглед непремостливите проблеми. Но, и покрај важните судбински чекори за иднината на земјата, кои ги преземаше во најчувствителниот период, Глигоров, сепак, не го заборави својот роден град. Ја користеше секоја пригода да помине под Исарот, да ја посети родната куќа во Стар Конак, но најмногу од се' да поразговара со штипјани“, рече Гајдарџиска.
Комеморативна седница одржа и Советот на Општина Штип на која за ликот и делото на Киро Глигоров зборуваше претседателката Сузана Николовска, која за него говореше како за „великан на македонскиот народ, неуморен борец за човековите права, вистински лидер на својот народ, умерен, но истраен политичар, врвен економист, Македонец и сограѓанин“.
„Дали неговиот питом дух, неговиот сталожен темперамент или искуството кое веќе го имаше при создавањето на првата македонска држава кога се најде на чело на групата великани што го создадоа АСНОМ, или, пак, судбината сакаше Киро Глигоров целиот свој живот и сиот свој политички ангажман да го посвети на Македонија, нејзината независност и слобода“, рече Николовска.
Во центарот на Штип младите социјалдемократи отворија книга на жалоста во која голем број граѓани на родниот град на покојниот претседател ги оставаа своите кратки пораки за него и за неговото дело. „Ти секогаш беше најголемиот македонски светилник на патот кон создавање живот достоен на човекот“, запишал извесен Димче. „Горди сме што беше наш сограѓанин, ти благодарам за капиталното дело за нашата татковина“, го оставила Наташа Стојанова својот спомен за Глигоров.
Општина Штип, во името на родниот му град, вчера испрати тричлена делегација која присуствуваше на погребот на Киро Глигоров. |