03.01.2012, 18:37 КомеморациЈа во СДСМ
Архитект на независна Македонија
„Македонија под лидерство на Киро Глигоров се избори за својата независност и меѓународно признавање без војна и крвопролевање, единствена од сите републики на поранешна Југославија. Само ова е доволно да се стане мит, да се стане легенда“. Со овие зборови лидерот на СДСМ Бранко Црвенковски се прости со првиот македонски претседател Глигоров, на комеморацијата што се одржа вчера во партиското седиште. Зборувајќи со голема почит за поранешниот претседател и сопартиец со кого соработувал и од кого учел, Црвенковски истакна и дека Глигоров беше мудар политичар кој знаеше да сослуша и да не наредува, туку да убедува.
„Киро Глигоров беше храбар човек, вистински и искрен македонски патриот. Го обвинуваа дека референдумското прашање од 8 Септември било југоносталгично формулирано, дека го продал името со компромисот со кој земјава влезе во ОН, дека ЈНА ја напушти Македонија со сето оружје. А, неговиот одговор беше толку човечен и логичен - ’Колку тенкови или камиони вреди еден човечки живот’“, се потсети Црвенковски на визионерските одлуки на експретседателот. Тој нагласи и дека Глигоров во себе имаше вистинска храброст бидејќи преземаше одговорност и носеше храбри и тешки одлуки, а не ги одлагаше проблемите.
„Глигоров беше човек демократ, човек на политичкиот дијалог и толеранцијата. Не веруваше дека постои сериозен проблем што мора да се реши со сила, а не со политички средства. Кога сите околу нас војуваа, тој ја застапуваше идејата за наше интегрирање во ЕУ и НАТО. Глигоров, основоположникот, архитектот, таткото на независна Република Македонија во овие 20 години претрпе бројни неправди и жестоки удари“, рече Црвенковски. (Св.У.) |