Македонија Ѓ.П. ризикува 330.000 евра
Парите за учество во ЛШ, ако го загуби статусот на членка на ФФМ, ќе одат за развој на младинскиот фудбал
Сашко Ѓ. Димовски
До крајот на оваа календарска година, а можеби и до крајот на овој месец, шампионот Македонија Ѓорче Петров очекува да добие околу 330.000 евра за учеството во квалификациите за годинашната Лига на шампиони на УЕФА. Од нив 150.000 евра се на име обесштетување што УЕФА го издвојува за секој клуб што нема да обезбеди место во фазата по групи во ЛШ, останатите 180.000 евра се учеството во првото квалификациско коло и двомечот со белорускиот првак, БАТЕ Борисов. Но, ѓорчепетровци ризикуваат да останат без овие средства поради бојкотот на сите нивни активности во домашната сцена. Шампионот е пред суспензија и против него се поведе дисциплинска постапка во Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) поради два неодиграни натпревара во низа. Во неделата Македонија Ѓ.П. не дојде на „Филип Втори“ на натпреварот со Вардар, вчера, пак, го бојкотира и реванш дуелот со Тетекс во четврт-финалето во националниот куп. Наместо на Градскиот стадион во Тетово екипата на Илчо Ѓорѓиоски отпатува во Чаир и во пријателски меч ја совлада Слога Југомагнат со 2:1. Сега се' е во рацете на Комесарот за натпревари во ФФМ, дисциплинскиот комесар и новиот Управен одбор на федерацијата.
Одлука за исклучување од натпреварување може да донесе и Комесарот за натпревари. Но, во случајот со Македонија Ѓорче Петров ќе се почека до недела. Деновиве Спиркоски ќе побара и ќе чека писмена изјава од ѓорчепетровци за вчерашното непатување во Тетово. Во зависност од содржината и причините што ќе се наведат во неа ќе се одлучува за иднината на шампионот.
Според извори во федерацијата, доколку Македонија Ѓ.П. догодина се натпреварува во најнизок ранг, во тој случај ќе има право на средствата од годинашните настапи во Лигата на шампиони и сезоната ќе ја почне со одземање од три до девет бода.
Истовремено извори од ФФМ посочуваат дека Македонија Ѓ.П. може да остане без право на средствата од настапите во ЛШ по неколку основи. Првиот е исклучување од членство во федерацијата. За тоа може да одлучи Управниот одбор на ФФМ по предлог на дисциплинскиот комесар ако се процени дека е тежок прекршок. Другите причини за губење на статусот на членка е ако клубот не ја почне наредната сезона, се расформира или згасне. Во тој случај, како што велат изворите, парите ќе се пренасочат за развој на младинскиот фудбал. |