Хирвонен: Кими би се мачел во рели
Вицешампионот во годинашното Светско првенство во рели, Мико Хирвонен, предупредува дека не треба да се очекуваат победи од Кими Раиконен ако се префрли во овој спорт следната сезона. Кариерата на Раиконен во Формула 1 се најде во привремен застој минатата седмица кога Мекларен потврди дека Џенсон Батон ќе го заземе местото на втор возач во тимот за сезоната 2010, оставајќи го Финецот во небрано.
Сепак, Раиконен се' уште би можел да остане во мотоспортот, при што неговиот интерес за релито ги засили шпекулациите дека би можел да се префрли во овој спорт. Ако се случи тоа, Хирвонен смета дека на Раиконен ќе му треба време за да ја достигне брзината на ривалите во рели.
„Кими е брз и нема проблеми со возењето“, изјави Хирвонен за финскиот вебсајт Sportti.com. „Но, ние, рели возачите, имаме многу поголемо искуство, а речиси сите релија однапред ќе бидат непознати за Кими. Тешко е да се замисли дека Кими би успеал, најмалку во првата сезона“.
Во меѓувреме, поранешниот Ф1-коментатор Џејмс Ален тврди дека Раиконен е блиску до договор со Ситроен и оти ќе вози за нив во Светскиот шампионат во рели в година. |