Милан се спаси со Марсеј, Баерн стигна до „мајсторка“ со Јуве
Французите два пати ја гаѓаа стативата на „Сан Сиро“ (1:1), а Олиќ ги одржа во живот надежите на Баварците
Милан не ги одушеви своите навивачи. Наместо да ја искористи меч-топката со Марсеј, на крајот фактите велат дека се спаси од пораз. Французите, кои со голот на Лучо во 16 минута го анулираа раното водство на домаќините со голот на Бориело, може да жалат што во вториот дел не искористија неколку шанси, а и двапати ја гаѓаа стативата. Последната можност ја испушти Абриел, кој на седум минути пред крајот по корнерот од десната страна со глава ја погоди рамката од голот на Дида. Бразилецот занеме, а „Сан Сиро“ воздивна.
Сега на табелата Реал е прв со десет бода, втор е Милан со осум, седум има Марсеј. Тоа значи дека на Милан му треба победа на гостувањето во Цирих за да не мора да го чека резултатот од мечот меѓу Марсеј и Реал Мадрид.
„Марсеј имаше поконкретни ситуации пред нашиот гол“, призна тренерот на Милан, Леонардо, по јубилејниот 100. меч на „росонерите“ пред својата публика во Лигата на шампионите.
„Не сум незадоволен, но факт е дека игравме тежок меч во неделата против Калјари. Марсеј своите обврски ги заврши во петокот, па делуваше поодморно. Сепак, драго ми е што зависиме самите од себе, а тогаш сум најсигурен. Од Цирих загубивме на свој терен, верувам дека може да им вратиме“.
Тренерот, пак, на Јувентус Ферара, слично на Леонардо, не беше задоволен од претставата на својата екипа. Поразот од 0:2 кај Бордо значи дека Јувентус мора да остане непоразен во директниот дуел во последното коло со Баерн во Торино. „Им кажав на моите фудбалери дека не смее да правиме прекршоци во зоната на удар, а токму тоа го правевме. Примивме гол во моментите кога ја контролиравме играта, но мора да признаеме дека Бордо беше подобар. Не сум задоволен од тимот. Потфрлавме како екипа“, смета Ферара.
И Баерн не прикажа кој знае каква игра против Макаби, но ги освои трите бода. Враќањето на Ивица Олиќ на Баерн не му донесе победа над Баер Леверкузен (1:1), но сега му овозможи на Луис ван Гал да се надева на пласман во втората фаза. И Хрватскиот репрезентативец верува дека сега се' е можно.
„Бев надвор од теренот седум недели и не бев сигурен дали можам да ��здржам цел меч“, изјави Ивица Олиќ по натпреварот во кој беше стрелец на единствениот гол и додаде. „Мислам дека одигравме солидно. Создадовме многу шанси, но реализацијата треба да се поправи. Ќе ви откријам нешто. Тренерот Ван Гал сакаше да ме остави во соблекувалната, но му кажав дека се чувствувам добро и дека сакам да дадам гол“. За среќа на Баерн, Холанѓанецот го послуша. „Јувентус е силен, но има и слаби точки и свои проблеми. Во ЛШ секој секого може да победи. Ќе биде интересно во Торино“, заклучи Олиќ. |