Легендарниот Ајверсон во пензија
Ален Ајверсон , десеткратниот Ол-стар кошаркар и лидер на Филаделфија кој во 2001 година играше големо НБА-финале објави дека заминува во пензија.
„Сакам да ве информирам за мојата одлука дека е крај со НБА-лигата. Секогаш сум мислел дека тоа ќе го направам во ситуација кога веќе нема да бидам способен да му помогнам на тимот, но, за жал, сега тоа не е случај. Се' уште чувствувам голема љубов кон играта и мислам дека во мојот „резервоар“ остана уште гориво. Навистина мислам дека се' уште можам да се натпреварувам на највисоко ниво.
Пензијата ќе ми овозможи повеќе време со сопругата и со децата. Тоа е награда која ги надминува моите постигнувања на кошаркарскиот терен. Молев за такви денови и сега ги дочекувам како најголем подарок. Во НБА-лигата минав 13 прекрасни години за што сум благодарен“, изјави Ајверсон со благодарница до навивачите и неговите спонзори, и додаде дека особено ги цени Мајкл Џордан, Меџик Џонсон, Чарлс Баркли, Ајзеа Томас и Лари Бирд“, „момчињата кои внесоа визија во неговата игра“.
Ален Ајверсон најсветлите моменти во кариерата која ја започна во 1996 година ги доживеа во Филаделфија 76, својот прв клуб во НБА-кариерата. Играше и за Денвер и Детроит, а оваа сезона три пати настапи за Мемфис, каде што беше незадоволен со улогата на резервен плејмејкер.
„Ќе замине во историја како најдобар низок бек кој некогаш ја играл оваа игра. Сепак, имам чувство дека за него ќе се отвори некое прозорче за враќање“, го испрати Џорџ Карл кој Ајверсон го водеше во деновите минати во Детроит.
Ален Ајверсон четири сезони беше најдобар стрелец, а во пензија замина како петти најдобар стрелец на лигата на сите времиња (27,1 поен по натпревар), и како 17. на вечната листа со 24.020 постигнати коша. Само Мајкл Џордан во натпреварите од доигрувањето имаше подобар просек од оној на Ајверсон (29,7).
Џејсон Кид втор асистент на сите времиња
Можеби и најдобриот плејмејкер во последната декада, Џејсон Кид, ја искористи победата на Далас во Хјустон и за сопствена промоција, станувајќи втор асистент на сите времиња. Со серија од 26:0 Далас дојде до резултатски пресврт во Хјустон, славејќи на крај со убедливи 130:99. Ова е втора победа на Далас против Хјустон сезонава, а повторно како пресудна се покажа играта на Џејсон Тери, кој со шут 10-11 натпреварот го заврши со 27 поени и 10 асистенции. Кога станува збор за нив, со седум нови Џејсон Кид стигна до бројката од 10.337, минувајќи го на второто место Марк Џексон (10.334). Бројката која ја постави легендарниот плејмејкер на Јута Џон Стоктон (15.806) е недофатлива за Кид, а веројатно уште долго време ќе биде најдобро остварување во светот на разигрувачите.
Резултати: Шарлот - Торонто 116:81, Индијана - ЛА Клиперс 86:73, Бостон - Филаделфија 113:110, Орландо - Мајами 98:99, Детроит - Кливленд 88:98, Минесота - Денвер 111:124, Њу Орлеанс - Милвоки 102:99 (продолжение), Хјустон - Далас 99:130, Сан Антонио - Голден Стејт 118:104, Феникс - Мемфис 126:111, Портланд - Њу Џерси 93:83, Сакраменто - Њујорк 111:97. |