Рафаел Надал се прости со полуфиналето во Лондон
Шпанецот го запиша и вториот пораз во финалната мастерс -пресметка оваа сезона, овој пат од Давиденко со 6:1, 7:6
Откако во лондонската „02 арена“ во првиот меч од Б-групата на финалниот мастерс загуби од Роби Содерлинг со 6:4 и 6:4, подобар од Рафаел надал беше и Русинот Николај Давиденко со 6:1, 7:6 (4), што практично значи и крај на годинашнава сезона. Му останува уште мечот од 3. коло против Новак Ѓоковиќ. Инаку, тоа беше нивни осми меѓусебен дуел, а моменталниот резултат е 4-4, но Давиденко, иземајќи ги земјените подлоги, доби четири од пет меча.
„Дефинитивно овде дојдов физички непотполно подготвен, но се трудам. Се борам за секој поен, но очигледно дека не ми оди. Многу грешам, а бекхендот ми е дефинитивно голем проблем, но имам намера и натаму да се трудам и во третото коло во кое ме чека Новак Ѓоковиќ“, изјави вториот тениски рекет во светот.
Сепак, тениските стручњаци резонираат дека Надал покрај проблемите со физичката подготвеност, во последно време го притиска и психата. Имено, лекарите кои се грижеа за неговите колена му препорачаа да не се троши толку, ако сака да ги сочува уште извесно време. Според нив тоа создава психолошки притисок кај Шпанецот, и токму поради тоа во Лондон не може да се препознае стариот Надал. Физичката неподготвеност е и последица на намалениот интензитет на тренажниот процес, а игрите во Лондон се само последица затоа што професионалец од типот на Надал ако сака да биде секој момент во топ-форма мора максимално да се троши и на тренинзите. Пример за тоа е и случајот со најдобриот светски тенисер Роже Федерер. Швајцарецот по поразот во финалето на УС-опен си дозволи едномесечна пауза време во кое со рекетот повеќе се дружеше рекреативно. Како последица стигнаа поразите од Ѓоковиќ во Базел и оној од Бенето на мастерсот во Париз.
Инаку, што се однесува до Давиденко, да имаше правда по двата меча тој требаше да има скор од 2:0, но несреќно го загуби првиот меч во три сета против Новак Ѓоковиќ.
„Најбитно е тоа што сум во игра за полуфиналето. Задоволен сум со играта и во двата меча и сега се' треба да пресликам во третиот дуел против Содерлинг. Во последно време Швеѓанецот не ми лежи, а тоа е мотив повеќе за мене“, изјави Николај Давиденко.
Робин Содерлинг кој со статусот резерва стигна во Лондон, прв избори полуфинале на елитниот турнир. Откако во првото коло победнички се пресмета со Рафаел Надал, Швеѓанецот славеше и во второто коло против бранителот на насловот Новак Ѓоковиќ, со што и дефинитивно го заслужи полуфиналето.
Новак Ѓоковиќ пружеше отпор само во првиот сет, а во продолжението иницијативата му ја препушти на Содерлинг кој по еден час и 38 минути игра славеше со 7:6(5) и 6:1. Ова е прв пораз на Ѓоковиќ по 11 врзани победи, а шестиот меѓусебен дуел заврши со премиерна победа на Содерлинг. |