Вардар про низ иглени уши во Битола
Шампионот Вардар про среќно стигна до трите бода на жешкото гостување во Битола, каде што го совлада Пелистер со 22:21 во заостанатиот натпревар од машката ракометна ВИП Суперлига. Во мечот што потсети на времињата кога ова беше најголемо ракометно дерби во Македонија битолчани пропуштија голема шанса за славење над лутиот ривал, бидејќи на половина минута до крајот имаа напад за победа, но ја загубија топката, која во контранапад Макалоски ја претвори во победа на црвено-црните. На Пелистер потоа му преостанаа уште осум секунди, но ударот на Везенковски заврши во пречката на голот на Митревски.
Токму битолчанецот на голот на скопјани е најзаслужниот за нивната победа, одбранувајќи им три седмерца на домаќините, и тоа токму кога беа во налет во второто полувреме. Пелистерци го добија првото полувреме со 9:7, а во 40 минута го имаа и највисокото водство од 17:11.
Макалоски со шест гола беше најефикасен во гостинскиот тим, а во домашниот тоа беа Везенковски и Попов со по четири погодока.
Вардар про остана втор на табелата со 24 бода од девет средби, од колку што Пелистер има 14 и е петти. Екипата на Веселин Вујовиќ в недела ја очекува големата пресметка со лидерот Металург, а тимот на Стефче Стефановски го пречекува „фенерџијата“ Преспа. (Р.Д.) |