Каменица тагува за младиот рударски инженер
Раководителите во рудникот за олово и цинк, „Саса“ се' уште молчат за трагедијата
Иван Бојаџиски
ШТИП - Македонска Каменица плаче и тагува по трагично загинатиот рударски инженер Зоран Атанасовски, чиј живот згасна во вторникот во една од јамите на рудникот за олово и цинк „Саса“. Немаше жител од рударскиот град што вчера не застана во најтажната погребна поворка за да го испрати 38-годишниот Зоран, татко на две близначиња, до вечниот дом на Градските гробишта.
„Секоја трагедија е болна. Но, кога ќе настрада млад човек во најубавите творечки години и особено кога требаше да и им се радува на своите први рожби, близначињата, кои не стигна ниту да ги види, тоа страшно боли“, рече со тага Косте Ангеловски, пензиониран рудар, кој цело време плачеше додека поворката минуваше низ улиците на Каменица.
Несреќата се случи откако младиот човек неочекувано пропадна во јама и беше затрупан од голема количина руден материјал. Згмечен и без доволно воздух инженерот извесно време комуницирал со спасувачите. Мисијата за спасување на Зоран траела со часови поради опасниот терен. За жал, спасувачите стигнале предоцна за да го спасат. Зоран бил мртов, а лекарите констатирале смрт.
За најновата, трета трагедија едноподруго за една година, а четврта за последните 18 месеци, раководителите на „Саса“ се' уште молчат. Четворица загинати рудари за толку кусо време, фактот дека првпат во 44-годишната историја на овој рудник животот го губи и инженер на работно место, за раководството на „Саса“ не се доволен предизвик да се огласи. Ставот на менаџментот бил новинарите да добијат информации од истражниот судија.
Младиот рударски инженер по неполни шест години работа во „Саса“, смртно настрада на работа. Неговата висока совесност, се' што ќе сработи да биде доведено до перфекција, се чини дека го одвело во смрт. За драмата што случувала во една од јамите на „Саса“ вчера зборуваше Митко Георгиевски, истражен судија при Основниот суд во Делчево, човек што беше првиот од „надворешниот, нерударски свет“ што стигна на местото на несреќата.
„На критичното место рударите работеле на изработка на нова сипка, односно коса просторија преку која ископаниот материјал од погорните простори се спушта до местото од каде што се товари рудниот материјал во вагони и се носи во флотација на преработка. Таму биле двајца рудари и инженерот Зоран, кој бил одговорен за целиот процес. Во еден миг сите тргнале да се одморат, а еден од рударите го повикал и Зоран. Но, тој не послушал затоа што сакал да провери како анкерите ја држат мрежата што била поставувана во сипката. Откако Зоран застанал на јаловината подготвена за спуштање, таа почнала да се свлекува во сипката длабока триесетина метри. Гледајќи ја опасноста, еден од рударите се обидел да го фати Зоран за рака и да го спаси од пропаѓање, но и тој бил повлечен удолу. Третиот, најмлад и најсилен рудар, успеал да го фати за рака и да го извлече само едниот колега-рудар. Така му го спасил животот“, раскажува судијата Георгиевски.
Двајцата рудари веднаш алармирале за настанот по што на местото дошле дваесетмина рудари од четата за спасување. „Цели два часа младиот инженер комуницирал со спасувачката екипа, која заклучила дека Зоран е затрупан на длабочина од 8-9 метри. Тој им рекол на спасувачите дека му снемува воздух по што итно било спуштено црево од кое Зоран добивал компримиран воздух. Еден од рударите со кои работел тој ден му рекол да издржи и дека ќе го спасат. Но, по два часа, Зоран престанал да дава знаци дека е жив“, појасни Митко Георгиевски.
Врз несреќниот Зоран паднала земјена маса тешка осум тони. Операцијата за негово спасување траела со часови во ноќта и дури наредниот ден четата стигнала до безживотното тело. Докторката Мирјана Караѓозова, која најбрзо што можело се нашла на местото само констатирала смрт, која настанала од пригмечувањето на Зоран. На неговите екстремитети немало никакви повреди, освен мали гребнатинки.
„Го бодревме нашиот инженер, кој беше прекрасна личност, и до последниот миг живеевме во надеж дека ќе биде спасен. Ама судбината сакала да не се случи тоа “, му рекол на истражниот судија еден од рударите што работел со настраданиот Атанасовски. |