Женски муабети
Мајчинството сосема ме омекна
Со Катерина Бучковска, сопруга на експремиерот, муабетевме за родителството, за бракот и за професионалната надградба
Валентина Тодоровска
Средбата со Катерина, сопруга на експремиерот Владо Бучковски, беше како патување со брз воз - илјада слики што таа ги иницираше со својот муабет и уште толку зборови. Таа е млада енергична жена (неодамна наполни 30 години), која брзо мисли, брзо зборува и , доследно на тоа, за се' има став.
„Динамична сум и имам многу енергија во себе“, вака започна нашето запознавање со г-ѓа Бучковска, „а тоа е можеби астролошкиот удел од Лавот, мојот хороскопски знак, ама во овој период од животот, со две мали деца, силата совршено се вклопува во агендата на секојдневните обврски“.
Нашата соговорничка е дипломиран филолог по англиски јазик и книжевност, ама и е пред крај со магистратурата по меѓународна политика и право. Политиката е незаобиколен дел од нејзиниот живот и токму затоа, созревајќи и осознавајќи се во целост, таа се решила на лична надградба во оваа јавна сфера.
„Пред да станам мајка, работев како соработник за надворешна политика во Владата, и тоа е период кога многу патував, имав постојани ангажмани. Децата растат, ги учам на самостојност, а со тоа ми се отвора простор за остварувањето на амбициите. Сакам да направам баланс помеѓу приватното и професијата, работам со план и максимално се посветувам на нештата, зашто знам што сакам во иднина. Ама затоа - потоа, кога ќе му дојде времето“.
Во овој наш разговор, Катерина раскажуваше за новото чувство што го има откако е мајка, таа нова, непозната страна од љубовта, длабината на поврзаноста, безусловноста во сакањето. Претходно, на децата гледаше како на мали слатки суштества, а сега, секоја болка или тага врзана за кое било дете на светот ја растажува и ја повредува.
„Откако станав мајка, и јас се сменив“, искрена е Катерина. „Еве, на пример, знам да се воздржам, да бројам до 10. Тоа веројатно е и наследство од мајка ми Зорица, непоправлив оптимист, која ме научи да бидам иста таква“.
И навистина - дента кога го правевме интервјуто, беше сив и дождлив ден, што би рекле метеоропатите - создаден за депресија, ама тоа не влијаеше на нејзиното расположение. Младата мајка беше полна со приказните врзани за нејзините деца.
Инаку, атмосферата во семејството Бучковски ја прави подмладокот - Матеј (3 години) и Калин, една година помал, на чиј темперамент влијае малата разликата во годините. Тие две човечиња пред легнување влегуваат во спајдеровски филм, ама наутро стануваат гушнати. Матеј е почувствителен, поприврзан за мајка си и целото внимание на светот не му е доволно. Помалиот Калин, пак, е вљубен во татка си. Генетичка работа е наследената точност и прецизност - секој ден во исто време малиот се буди и легнува, а во тој ритам е вклопена и попладневната дремка и непроблематичност во јадењето.
„Колку сум строга? Сакам да им бидам авторитет на децата и со самото тоа дека карактерот се гради до седмата година, се учиме на убави нешта. Многу им читам сликовници, раскажуваме, пееме. Љубовта што ја примаат сега ќе има резултати подоцна. Се' почнува во домот, тука е базата“.
За викендите, во семејството Бучковски е уште поживо - најчесто им доаѓаат двајцата синови од претходниот брак на Владо. Виктор и Дамјан се останатите членови на семејството и тука е нивниот втор дом. За таа хармонија е најзаслужен Владо - на суптилен и на природен начин, во почетокот, тој им објасни дека ќе имаат братче, а на овие први чекори се надоврза и Катерина, која направи децата да се чувствуваат убаво.
Каде се децата таму, се зборува и за љубовта и за бракот. За Катерина нема табу-теми - сигурна во тоа дека го има вистинскиот човек крај себе, мојата соговорничка со многу љубов и приврзаност зборуваше за својот сопруг.
Разликата од 18-ина години е инспиративна и за неа и за Владо. Неговото искуство и знаење и' се драгоцени, се работи за успешен политичар со многу животно искуство. Владо често знае да каже дека Господ ја тестира силата на човекот, надодавајќи му проблеми и многумина велат дека го красат силина и храброст...
„Дали предизвикуваме внимание кога ќе се појавиме во јавноста? Тој е јавна личност���, Катерина ја задоволуваше нашата љубопитност, „ама кога сме заедно, се исклучувам од се', многу ми е поважно и подрагоцено тоа што седиме и зборуваме отколку тоа што некој не' гледа. И јас како неговата сопруга сакам да сум дел од позитивната слика што ја имаат луѓето за Владо.“
Катерина вели дека разводот пред 50-ина години беше табу-тема, а сега секој трет завршува неславно. Освен тоа, верува во љубовта, знае дека не се случува често, ама сигурно - не само еднаш.
„Во различни периоди од животот сакате различни работи. Јас и Владо се препознавме како сродни души, брзо се разбираме, само еден поглед и се' ни е јасно... Порано почесто се инаетев, ама откако имаме деца, се сменив. И колку и да звучи како клише - навистина немаме време да се расправаме, децата заспиваат во 22,30 часот и навистина треба да се погоди добар филм за да останеме будни“.
Она што Катерина го цени кај својот сопруг е фактот што никогаш проблемите од работа не ги носи дома. Во интимниот круг на најблиските е добро расположен и задолжен за позитивната атмосфера. Едноставно, сопруг и татко кој секој би го посакал. Двојката е во брак три години, ама г-ѓа Бучковска знае дека е опасно кога заедничкото живеење ќе влезе во рутина, а за да се избегне тоа, и двајцата се трудат. Таа не е предвидливо женски романтична, не пали свеќи и мирисливи стапчиња, ама знае да го препознае чувството, интимниот флуид, што се темели на вниманието и грижата.
„Еднаш прочитав дека Мишел Обама му ги простува на својот сопруг фрлените чорапи во спалната. Кога може таа, можам и јас“, се шегува Катерина. „ Инаку, Владо е многу внимателен, ја сакам неговата самоувереност, одлучност, има убави манири, енергичен е и динамичен. Неговата среќа ја повлекува мојата и обратно и тука нема никаква мистика. Знае да премолчи многу работи и ако нешто ми пречи, тоа е што е предобар и претолерантен спрема оние што не се...“
Што се однесува до класичните домашни работи, па и до готвењето, Катерина е вистинска среќница - сопругот не и' е стереотипен и не инсистира, да речеме на ручек и на готвено секој ден. Најважно им е децата да јадат здрава органска храна, а мама и тато знаат да отидат и во ресторан. За вечера доаѓа предвид „лајт“ варијанта со кисело млеко, а младата домаќинка е експерт за салати и супи. Всушност, сармите од мајка и' Зорица, и во летна и во зимска варијанта, од Капиштец патуваат со такси и со задоволство видени на нивната трпеза.
Со Катерина зборувавме и за музиката, за нејзиното олабавување со соул, блуз, џез, ама и за рокот што и' дава енергија. Сака филмови, иако ги одбегнува овие од нашите и од соседските простори поради колективната, просторната балканска тага.
Облеката и константата дека токму гардеробата е одраз на внатрешното и значи порака е тема во која Катерина е на свој терен. „Да, надворешниот изглед зборува за внатрешниот и е важен за јавни личности, остава впечаток и порака. Модата е битен сегмент, начин, ама и квалитет на живеење. Не робувам на трендот, ниту, пак, ја сакам пренагласеноста со дизајнерски имиња и марки. Важно ми е тоа добро да се искомбинира. Сакам да носам фармерки, фустани, ама и кожени панталони. Стилот на Владо ми се допаѓа, ама не можам да влијаам на тоа што ќе облече. Добро знае и што сака и што му прилега“.
И патувањата се дел од омилените нешта на Катерина. Накратко се потсети и на викенд со Владо во Љубљана, на прекрасното чувство на симбиозата со човекот што го сака.
- Сепак, најсреќна и најкомплетна сум кога сме со децата“, го финишираше и го дефинираше г-ѓа Бучковска својот интерен космос. „Уживам и им се радувам на ситниците, на мали ама големи моменти на среќа, што го облагородуваат, сигурна сум, сето она што се нарекува живот. И во целост му верувам на Толстој и на она неговото - сите среќни семејства личат едно на друго...“ |