Си велам
Тапијата на Насредин оџа
Ерол Ризаов
Се' е исто како и лани, само малку полошо
Еден ден една госпоѓа го замолила Насредин оџа како многу учен човек да и' прочита едно писмо. Оџата го зел листот хартија и почнал да чита убаво и течно: Почитувана госпоѓо, еве по долго време решив да ви се јавам и да ве прашам како сте вие и како се вашите најблиски. Ви посакувам на сите вас добро здравје, многу бериќет и успеси во работата. Слушам многу убави работи за вас... Аман оџа, што читаш, спискала жената, тоа е тапијата од куќата наша. Насредин оџа спокојно и' возвратил: ти ми рече писмо и јас читам како писмо. Да ми речеше тапија од куќата, јас ќе читав како тапија.
Наравоучение: И оџата бил неписмен, ама итар и мудар. Знаел како се чита писмо, а како тапија. Деновиве сите го читаат извештајот од Европската комисија за годишниот напредок на Македонија исто како Насредин оџа. Премиерот Никола Груевски и Владата се одушевени. Му честитаат на народот за големиот успех. Во сите 35 поглавја имаме напредок. Македонија е подготвена веднаш да ги почне преговорите со ЕУ за рамноправно членство. Продолжуваме со реформите и со преродбата во сто чекори со нови победи, ќе и' соопшти видно расположен Груевски на нацијата. Ресорските министри не се симнуваат од екраните полни со еуфорија зборуваат за големиот напредок во полициските реформи, во судството, во економијата, во здравството, во надворешната политика, во земјоделството... Опозицијата, пак, го чита извештајот од Брисел како политичка тапија. Тие велат дека тој е многу полош од лани. Нема напредок во ниту едно поглавје, туку сериозно заостануваме во реформските процеси во повеќе клучни области. Се отвораат и нови прашања кои досега не биле така детално анализирани, велат опозиционерите. Тие предупредуваат на забелешките од Европската комисија што се однесуваат за независноста на судството, на загрозената слобода на медиумите и епидемијата од самоцензура. Јавната администрација е целосно партизирана, нема странски инвестиции, а невработеноста расте алармантно... Тоа се главните аргументи на опозицијата.
Претставникот на Европската комисија во Македонија, Ерван Фуере, јавно ни го чита и толкува извештајот на пишувачот многу поразлично од нашите оџи. Тој вели дека извештајот е позитивен и останува во сила препораката за почнување на преговорите со ЕУ, но веднаш додава дека значаен прогрес годинава не е направен во ниту едно поглавје, наспроти 2009 година, кога тоа е забележано во две поглавја. Добар напредок има во шест поглавја, но лани таков напредок имаше во 11 области. Извесен прогрес има во 19, а лани во 20 поглавја итн, итн. на цели 82 страници. Значи, не се работи за црно-бели бои, туку за разни нијанси, а оценките се во нема напредок, извесен напредок, добар напредок, значаен напредок, неурамнотежен напредок...
Станува збор за класична ситуација, која е присутна во земјите-аспиранти и кандидати за влез во ЕУ, кога се соопштуваат годишните извештаи на Европската комисија. Овие оценки на Брисел се задолжително топ-тема со денови секоја година во сите овие земји. Тоа е и целта на ЕУ да се развие конструктивна полемика, компетентен дијалог меѓу власта и опозицијата, меѓу интелектуалните елити што проверено ги забрзува процесите во европските интеграции. Власта секогаш тргнува од генералната оценка ако е позитивна, опозицијата ги бара слабостите и нереализираните поглавја, а Брисел балансира. Тука нема ништо спорно. Сето тоа е составен дел од играта. Таа почнува вообичаено кога Брисел фрла внимателно една коска за глодање обично преку дописниците дека извештајот ќе биде многу лош, дека има сериозни заостанувања, дека реформите во повеќе области се во застој и слично. Се разбира, тие оценки подоцна ќе бидат присутни, но тоа не се однесува на генералната оцена дали извештајот е негативен или позитивен. Потоа во Брисел долетуваат ресорските министри на кои, исто така, им се предочува на голема загриженост и неизвесност околу конечната вкупна оцена за извештајот. Потоа стасуваат претседателите и премиерите во Брисел или, пак, врвот на европската администрација стасува во земјата-домаќин да го направи конечниот пазар за вкупната оцена која зависи од најкрупниот проблем што го има земјата-кандидат, кој вообичаено воопшто не експлицитно присутен во извештајот. Некаде се тоа испорачување воени злосторници во Хаг кои го имаат ореолот на големи патриоти и херои во татковинските војни за независност, некаде се тоа територијални проблеми со соседите, гранични и имотни прашања, не��аде се тоа режимите на водите, еколошки проблеми и затворање атомски централи, историски нерасчистени прашања со соседите... Европската унија тргнува од фундаменталниот свој интерес, а тоа е со прием во рамноправно членство на нови земји да не увезува проблеми чие разрешување скапо ќе ја чини, туку бара нивно претходно расчистување, притоа секогаш поддржувајќи ја страната на своите членки, дури и кога не се во право.
Значи, суштинскиот проблем на Македонија останува во наметнатиот спор од Грција, членка на ЕУ, наш сосед за нашето уставно име. Премиерите Папандреу и Груевски непосредно пред соопштувањето на годишниот извештај на Европската комисија дадоа уверување дека работите се движат во добра насока и дека интензивно се бара решение прифатливо за двете страни. Мудра и прагматична Европа го прифати ова уверување на двајцата лидери иако малку верува во тоа. Сепак, ако малку се крене маглата, без да се чита извештајот на ЕК, можат мошне јасно да се видат следниве факти. Македонија веќе шеста година е кандидат за ЕУ, а втора година како не може да добие датум за почеток на преговорите. Трета година сме пред вратите на НАТО каде што се чека само решение за името. А, минуваат 20 години од независноста на државата. Економскиот напредок и резултатите од сите реформи се полоши од достигнувањата на Македонија во 1989 година, една од најкризните години во тогашната југословенска федерација. Дури и разликите во економскиот развој со земјите-членки на ЕУ беа поповолни пред 21 година од сегашните разлики како земја европски кандидат. Тоа е вкупниот ефект на македонската транзиција. На сите власти, реформатори и преродбеници, патриоти и големи државници. Тоа сериозно го отвора прашањето дали ја заслуживме независноста на Македонија.
Има ли решение. Историските искуства и во Европа и во светот непобитно потврдуваат дека во вакви ситуации кога една земја е исправена пред големи и тешки одлуки, неопходен е најнапред политички консензус меѓу сите релевантни политички фактори. Очигледно ни во Грција ни во Македонија никој не работи на заеднички прифатливо решение. За нив тоа е додавка на името со географска одредница за сите употреби. А за нас тоа е уставното име. Претседателот на Македонија, Ѓорге Иванов, во интервју за грчки медиум, вели не доаѓа предвид географска одредница и промена на уставното име. Но, додава дека е можно решение од кое ќе бидат задоволни двете страни. Ако има такво, не му гине Нобелова награда. Ама за хемија. |