Поглед
Да живее скандалот!
Сунчица Уневска
Претставата „Алкмеон од Коринт“, дури и неодиграна, се претвори во најголемиот театарски настан во земјава. Иако изминатава недела во рамките на „Охридско лето“ имавме гостување на два театарски спектакла, сепак, целото внимание на јавноста е окупирано со скандалот околу „Алкмеон од Коринт“, кој како мегаинтернационален театарски проект требаше да има премиера на 19 август. Ниту „Калигула“ на култниот словенечки режисер Томаж Пандур, па дури ни претставата „Зошто, зошто“ на еден од најголемите театарски автори на денешницата Питер Брук, и покрај виртуозноста и ексклузивноста која ја донесоа, се чини нема да ја обојат оваа театарска сезона како секојдневните извештаи поради овој срамен настан.
Битолскиот театар и британскиот креативен тим не штедат обвинувања на сметка еден на друг. Од театарот тврдат дека странците не го почитувале договорот, додека Британците велат дека парите се ненаменски трошени, иако за оваа претстава се одобрени и дополнителни средства, а целиот проект чини над 50 илјади евра. Претставата ќе заврши на суд.
Уште една претстава која се подготвуваше во Струмичкиот театар, „Калигула“, со режисер од Англија, исто така, пропадна, но не отиде на суд. Пропаднаа и 1.500 евра за хонорар на режисерот и средствата за неговиот едномесечен престој тука. Но, она што во сево ова е најтрагично не се средствата, туку состојбата со театарот и со културата и неможноста да бидеме во чекор со театарските копродукции во светот. Ваквите настани не' враќаат назад и говорат за нашата неодговорност и непрофесионалност, а особено за немањето однос кон врвната уметност која само пред неколку дена требаше да покаже дека ако не умееме да ја создаваме, барем можеме да ја препознаеме. |