Брoj 2763  петок, 15 август 2008
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Анализа
Мислења
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Некролог
Време
Хороскоп
Што прават денеска
Наука

Претходен број


Site Meter

Мислења

Рибари на човечките души

Љупчо Печијарески

Mанипулацијата станува се' попривлечна за сите оние кои, во овој свет полн со противречности, сакаат да успеат по секоја цена

„Со својот најдобар мамец ги мамам денес најчудесните човечки риби.
Посебен човечки свет, човечко море – во него сега ја фрлам својата златна јадица и зборувам: отвори се, човечка бездно!“

„Така зборуваше Заратустра“,
Фридрих Ниче

Откако постои свет и век, постои и една чудна сорта луѓе чија основна професија е рибарењето со човечките души. Притоа, во колкава мера цивилизацијата ги усложнува своите облици на егзистенција, во ист сооднос тие ја усовршуваат својата дејност. Денес речиси ја имаат доведено до совршенство. Основниот инструмент, основното орудие за работа, а слободно може да се каже и нивната основна животна филозофија, е манипулацијата. Со вроден талент, независно од полот, етничката и религиозната припадност, образованието, професионалната ориентираност, тие ја издигнуваат манипулацијата до степен на доктрина – облик на опстојување. На тој начин, повеќе или помалку, секако во согласност со општествените околности, манипулацијата станува се' попривлечна за сите оние кои, во овој свет полн со противречности, сакаат да успеат по секоја цена. Имајќи го предвид ова, не изненадува фактот што времето и местото во кои живееме со своите основни карактеристики: анархичност и аномичност, во чија основа се отсуството на општоприфатен вредносен систем, изгубената доверба во институциите на системот и инстант-решенијата, стимулираат дополнително привлекување потенцијални манипулатори и од страна на помалку надарените. Едноставно, без ситни или крупни манипулации тешко може да се преживее на овие наши балкански простори, а да се биде успешен - тоа речиси е невозможно. Политичари, новинари, стопанственици, претставници на јавни функции, интелектуалци...., манипулацијата ја имаат до таа мера инкорпорирано во своето секојдневно работење што повеќе и не се во состојба успешно да функционираат без нејзина помош. Таа претставува заштитен знак на нивното егзистирање.



Кога се во прашање политичарите и нивната склоност кон манипулација, тогаш најчесто станува збор за луѓе кои поседуваат способности, на еден суптилен начин, без присила, „безболно“, да ги убедат другите, речиси безусловно да веруваат во она од што тие (политичарите) имаат најголема корист, притоа вешто криејќи ги своите крајни намери, односно криејќи ја вистината, во однос на последиците од она што треба да следува. Ширејќи полувистини и заблуди, тие ги нудат сопствените погледи и сопствените интереси како општа вистина, како остварување на заедничките потреби. Нивна основна цел е да ги натераат преостанатите да мислат на ист начин како и нив, без критичко преиспитување на кажаното, без потреба за дополнително аргументирано докажување на вистината. Моќта на овие ирационални авторитети произлегува, главно, од немоќта на другите да размислуваат слободоумно и автентично, со своја глава, од нивната патолошка потреба за авторитарни лидери – семоќни заштитници, кои во секој момент се подготвени да ги пронајдат најдобрите решенија. Во прашање е парадоксална симбиоза меѓу оние што живеат без сопствена свест за настаните, без лична дистанца кон она што се случува, луѓе кои крајно удобно се чувствуваат во толпата, на кои не им пречи застоената реа на општоприфатените (социјални, етнички, историски, идеолошки) стереотипи и оние што мислат дека се родени да бидат водачи, личности кои ни за момент не се сомневаат во своите квалитети – вождови за кои ниту една цена не е доволно висока да се плати за да се остварат „идеалите“ на масите, зад кои најчесто се кријат нивните болни амбиции за самодокажување и афирмација. Во екстремни случаи, подалечната и поблиската историја и емпириски го покажала тоа: занимавањето со политика претставува своевиден облик на психотерапија, лекување на сопствените комплекси и фрустрации, на себедоживување како семоќно суштество кое, во името на волјата на народот, може да прави што сака. Притоа, вообичаено, она што следува има катастрофални последици за сите, но тогаш е предоцна да се изменат нештата. Секако, највисоката цена ја плаќаат масите, истите оние кои безусловно верувале во квалитетите на водачот и без елементарно чувство за критичност ги прифаќале сите негови замисли и одлуки.



Масовните медиуми со својата моќ да го обликуваат јавното мислење, исто така, претставуваат потенцијален извор на манипулација. Еден дел од новинарите, зачудувачки индиферентни спрема последиците, оваа можност (понекогаш латентно, понекогаш јавно) ја користат до степен на кич и за сопствена медиумска афирмација и за обезбедување посигурна материјална егзистенција. Непочитувајќи ги основните етички постулати на професијата, продавајќи ја сопствената совест на пазарот на дегутантно евтината политичка демагогија, тие стануваат вазали на определени партии или на нивните лидери. Нивна основна задача е да му покажат на граѓанинот како да ја усогласи својата личност со наметнатиот модел на посакувано размислување и однесување, проектиран во главите на партиските налогодавци. Во својата лојалност и сервилност, несвесни за трагикомичноста на улогата што ја играат, тие истовремено се јавуваат и како креатори, но и како креатури на манипулацијата. Во секој случај, тие стануваат составен дел од еден систем на сеопшто манипулирање со кој се наметнува искривена слика за реалноста, втемелена врз изобличени вредносни ориентири, што води кон целосно дезориентирање на граѓанинот во однос на препознавањето што е вистина, а што е лага, што е добро, што лошо и, конечно, што е праведно, а што неправедно. Секако, тоа има крајно негативни последици во обликувањето на еден здрав дух на заедницата, што треба да се темели врз автентичен и критички насочен начин на осмислување на општествената стварност, односно што треба да придонесе во создавањето автономни личности кои, само преку поседување свест за сопствената индивидуалност и сопствениот персонален идентитет, ќе можат да дадат придонес во градењето на националниот идентитет – базичниот елемент за натамошниот колективен опстанок и развој.



Листата на рибари на човечки души од различни профили е долга и широка. Во согласност со просторот, не можат да бидат опфатени сите. На самиот крај ќе посветиме внимание на оние кои најмалку треба да си дозволат да бидат тоа. Погодувате! Станува збор за интелектуалците, луѓе кои со силата на својата духовност и интелектуалност, со потребата за достоинствено реализирање на својата творечка автономија, со улогата што ја имаат во општеството, со својот човечки интегритет и со кодот на моралниот чин на дејствување треба да бидат најголеми бранители на ви��тината, односно не смеат воопшто да си дозволат да се јавуваат во улога на манипулатори. За жал, во секојдневната животна практика не мал дел од нив забораваат на оваа света должност. Во името на комфорноста, удобниот живот, прагматските дневнополитички интереси, тие не ретко прифаќаат да бидат не само учесници туку и идеолози на процесот на манипулација. Повеќе или помалку, ставајќи ја својата интелектуалност во служба на определени политички опции, тие не само што го доведуваат во прашање дигнитетот на својата личност туку истовремено го ослабуваат и духовниот имунитет на долговековниот национален и културен простум на сопствениот етнос. Во секој случај, нивната одговорност е најголема. Интелектуалците не смеат да престанат да бидат вечни трагачи по вистината, независно од последиците што следуваат. Имено, секое општество во кое интелектуалците прифатиле да бидат рибари на човечки души се има уловено во мрежата на лицемерноста, сервилноста, духовната просечност и безидејноста. Тоа треба добро да го знае секој интелектуалец, но и секоја власт што управува со таквото општество (како и секоја опозиција што се стреми да стане власт). Отсуството на свест за тоа не ја намалува нашата одговорност.

(Авторот е универзитетски професор)


Статијата е прочитана 1103 пати.

Испрати коментар

Од: Goce
Датум: 15.08.2008 00:12:25
Profesore tekstot e prva liga. Samo dali ke se prepoznaat ribarite. Gi ima mnogu no vesto se krijat. Mozebi sepak posle ova ke se javat za da te iskritikuvaat.
Од: Buntovnik
Датум: 15.08.2008 01:22:41
Matija Beckovic, Vo Meguvreme. 1970 godina Ke ve sprovedeme do krajot. Nemojte da se mesate vo toa. Prepustite se na nas. Se ke vi objasnime na krajot. Sega nemame vreme. Imajte doverba. Nie uste nikogo ne sme izlazale. Nemojte da ni smetate, ostanite tamu kade ste. Veruvajte deka ona sto ne uspealo, nikogas nema da uspee. Ne go zboruvame ova valjda za sebe. Ke vi gi poklonime site nasi pobedi. Vam ke vi telefoniraat deka ste pobedile. Vie ste nasiot hobi.
Од: Тоде
Датум: 15.08.2008 05:51:49
Одличен напис, навистина манипулатори на соп��твениот народ кој е раздвоен токму од нив.
Од: Jana
Датум: 15.08.2008 06:17:41
Se nadevam deka vakvite tekstovi ke ja razbudat sovesta na graganite. Se naogame vo golema moralna kriza koja tesko moze da se nadmine za skoro vreme. Ttreba da se svrtime i kon duhovnite vrednosti dokolku sakame rabotite da se promenat na podobro.
Од: aa
Датум: 15.08.2008 08:51:03
Кога фазаните летаат Зошто ја бараш харизмата во себе полнета птицо Можноста за просветеност Те одалечува во бескрајот од страста за мисија Мирис на земја Концентрични кругови на глупост и незнаење Како прстени Она понатака не го разбирам Ми изгледа како мртва стража Си реков во себе Боже мој колку демагогија системски нанижана во артилериски салви Колку нанижани мисли зад кои нестои ништо сем Омраза Суета Власт И колку расипаност треба да се пролее пред нашите нозе И како до непрпепознавање е донесена суштината на измамата И реката не била река во самиот почеток И не е нужно да не биде понорница до крајот Што се случува кога мртви фазани летаат над нашите глави Кога Мртви фазани летаат а ниеден не паѓа Што се случува кога очајот ќе ги обземе луѓето Кога Очајот немилосрдно преоѓа во каење Гледајќи ги од далечина контурите на сцената Ми паѓаат напамет водени бои Извалканите раце брзо се мијат. Бранимир Џони Штулиќ
Од: zapoznat
Датум: 15.08.2008 10:50:53
nema ama bas nikakava mana vo ovoj tekst, a posebno me bendisa posledniot del za intelektualcite (za zal osven diploma so koja toa go dokazuvaat nemaat ama bas nisto zaednicko so intelektualci) koi kako stado ovci odat po svojot vozd i veruvaat vo se sto ce im kaze. Be z namera da se prepiram so drugite, moram da mi kazam na to Ribarot deka ocigledno ne znae najdobro koj e Pecio (edinstven so cist obraz vo prilepskiot "hram " na naukata) ili pak od zavist nesto da se pisi, sto i ja potvrduva tezata na avtorot za lecenje na kompleksite na opredeleni licnosti
Од: prof. Zarko od Zletovo
Датум: 15.08.2008 10:59:33
Profesore se e vo red. I ubavo i odmereno i tokmu na vreme. Samo nedostasuva edna mala informacija. Trebase barem da go spomenete Djuro Susnjic, barem onaka popatno i za Vas i za nego...
Од: Prilepcanec
Датум: 15.08.2008 12:08:32
Dobro sroceno, no premnogu opsto. Zarem ne mozes profesore da napises ponekoj zbor za tvojte kolegi i koleski od Ekonomskiot fakultet. Ima mnogu sto da se kaze. Se nadevam deka sledniot pat ke napises nesto za niv vo vrska so problemot na manipulacija. Megu niv ima vistinski majstorki i majstori na manipulacijata

Најди! во Утрински
Барај со НАБУ
Насловна
Стандардот прегазен од цените
Зденко
Горештините нема да попуштат
Црвенковски испука политички рафал кон Груевски
Претходен број
Рајс- Името не смее да биде пречка за НАТО
Украдени над 40.000 евра од експозитура на Комерцијална банка
Нимиц- прво треба да се реши името
Да живее скандалот!
Бесплатни учебници само за деца на социјално загрозени семејства
Голем град во Преспанското Езеро отворен за туристички посети
Каматите на кредитите почнуваат да растат
Блејк го урна олимпискиот сон на Федерер
Секоја генерација има и свој пораз
Ќе биде тешко да се најдат концесионери за а��топатите
Владиниот прием за Рамковниот без државниот врв
Борачот Ара Абрхамјан го фрли медалот!
Уредените плажи летово се хит на охридската ривиера
Членството на Македонија во НАТО е одговор за Грузија
Победите и поразите на олимписките борилишта
Verbatim

Соопштение
Поради годишни одмори, од 25 август до 15 септември, ќе се објавуваат само коментарите пристигнати до 17 ч.