Украдени над 40.000 евра од експозитура на Комерцијална банка
Тројца маскирани разбојници со закани од пиштол ги ограбиле вработените и клиентите во банката
Тројца маскирани разбојници, вооружени со пиштол, вчераутро ја ограбија експозитурата на Комерцијална банка во скопската населба Ѓорче Петров и побегнале со богат плен од над 40.000 евра. Тие влегле во банката и со закани ги зеле парите од четворицата банкарски службеници, а потоа ги ограбиле и граѓаните, кои во тој момент се нашле во банката, и со автомобил побегнале во непознат правец.
Според МВР, тројцата разбојниците влегле во банката околу 9,15 часот, ги ставиле маските на глава и пиштолите ги впериле кон вработените и граѓаните кои чекале во банката. Заканувајќи им се дека ќе ги убијат, им наредиле на четворицата банкарски службеници да ги стават парите во вреќите што ги носеле со себе.
Од Комерцијална банка информираат дека од нивната експозитура се украдени 2,6 милиони денари. Откако ги зеле парите од банката, се свртиле кон граѓаните и од шестмина од нив зеле над 88.000 денари.
Од Комерцијална најавија дека ќе им ја надомести штетата на ограбените граѓани.
„За сите штедачи кои во моментот се наоѓаа во експозитурата, а беа ограбени, Комерцијална банка ќе им ја надомести штетата“, информираа од банката.
Вработените во дуќаните околу банката велат дека не го забележале разбојништвото, разбрале за тоа кога полициските екипи дошле пред банката.
„Не ги видов разбојниците, за тоа што се случувало дознав кога дојде полицијата. Разбрав дека биле тројца маскирани и дека ја ограбиле банката“, вели еден од дуќанџиите. Полицијата се' уште трага по тројцата разбојници кои побегнале со богатиот плен. (Ј.К.)
|