Мислења
Членството на Македонија во НАТО е одговор за Грузија
Едвард Џозеф
Со поканувањето на Македонија, НАТО ќе испрати порака од Балканот до Кавказ за интегритетот на малите држави
Додека бес и вознемиреност се наметнуваат околу рускиот напад врз Грузија, се надвиснува едно прашање: што можат САД и нивните сојузници да направат? Засега, изгледа многу малку, освен да излезат со соопштенија. Сепак, императив е за Запад да испорача јасна и убедлива порака до јавноста во врска со борбите. Без разлика како почнаа тие, рускиот одговор е непропорционален и мириса на брутален приод кон дисидентските држави што ги имаше Москва под свое за време на студената војна.
Импликациите од слабиот одговор од Европа и од САД ќе бидат почувствувани и подалеку од Грузија, нагласувајќи ги руската надмоќ и американската слабост. Но, каков одговор е на располагање? Жестоките разговори ризикуваат или да бидат демаскирани како празни или да ја принудат Москва да влезе во поголема конфронтација. Русија може и ќе стави вето на секоја резолуција во Советот за безбедност. Соработката на Москва е од круцијално значење ако треба да се употребат невоени средства за да се пронајде начин на кој може да се зауздаат нуклеарните аспирации на Иран. Грузија е јасно прозападно ориентирана, очајна да му се приклучи на НАТО и верен обезбедувач на воена сила за Ирак. Иако таа е мала земја, сепак, е дел од планираниот нафтовод и нејзината безбедност е од стратегиско значење за Запад.
Всушност, постои ефикасен начин да се пренесе пораката, со цел побрзо да се пренесат активностите на САД. Решението е НАТО да ја покани Македонија да и' се приклучи. Македонија можеби се протега 2.000 километри јужно од Грузија, меѓутоа нејзин сосед е Косово, нова држава чија независност, која беше прогласена неодамна, беше експлоатирана од страна на Русија за заострување на тензиите околу Јужна Осетија и Абхазија. И Македонија и Грузија беа разочарани на Самитот на НАТО во Букурешт што се одржа во април оваа година. Наместо и официјално да добијат покана за членство, секоја од нив доби само реторичка поддршка од Алијансата.
За Грузија, ова се должеше на европскиот страв од разбеснување на Русија. Во случајот со Македонија жестокото противење од Грција беше причина за тоа. Покрај проблемот со името на Македонија, Атина одржува блиски односи со Москва и со нејзиниот традиционален сојузник Србија. Грчките експерти веруваат дека односите со Русија, исто така, ја охрабрија Атина да заземе таков потврд став.
Со поканувањето на Македонија, НАТО ќе испрати очигледна тристрана порака до Русија. Прво, таа ќе и' посочи на Москва, и на Тбилиси и неговите соседи, дека НАТО е одлучен во намерата да продолжи со планот за проширување и нема да им дозволи на поткопувачите однатре или надвор од Алијансата да го сопрат тој процес. Второ, ќе испрати порака од Балканот до Кавказ за интегритетот на малите држави. И, на крајот, Москва, исто така, ќе добие јасен сигнал за нетолеранцијата на Запад кон „замрзнатите конфликти“, без разлика дали станува збор за Грузија или за соседот на Македонија, Косово, каде што Русија традиционално ги поддржува оние Срби што се противат на независноста на новата држава.
Како да се убеди Грција дека солидарноста на НАТО е многу поважна отколку името на соседот? Премиерот Коста Караманлис можеби има тесно парламентарно мнозинство, но дури и неговата опозиција може да забележи дека е променета глобалната ситуација. Покрај тоа, има доволно начини Грција да си го спаси образот. Според договорот што го потпиша Атина во 1995 година, Македонија може да биде примена под привременото име Поранешна Југословенска Република Македонија, референца што е понижувачка за Скопје, меѓутоа прифатена како цена за приемот во НАТО.
САД, исто така, би можеле да побараат од Турција да го прекине својот непријателски приод кон Грција околу името. (За инает на Грција, Турција и понатаму продолжува со одбележување со ѕвездичка на сите документи на НАТО, обелоденувајќи дека ја призна Македонија под уставното име).
Без разлика која техника се користи за да се придобие Атина, јасно е дека Вашингтон и неговите НАТО-сојузници мора брзо да реагираат. Западот во глобала и посебно Алијансата не изгледале толку слаби уште од деновите на прецизно одбраните цели на воздушни напади за време на геноцидот во Босна. Генералниот секретар на НАТО, Јап де Хоп Шефер, не можеше да излезе со ништо посилно од своето изразување „сериозна загриженост“ во врска со ситуацијата во Грузија и ветување дека Алијансата „внимателно ја следи“ ситуацијата. Индиректните пораки до Москва се традиции што датираат уште од времето на кубанската ракетна криза. Во комбинација со други мерки, моментално поканување на Македонија во НАТО е еден од лесно расположливите начини да се спротивстави на опасната перцепција за тоа дека Москва поседува имунитет за акциите во Грузија.
(Авторот е поранешен претставник на Меѓународната кризна група во Македонија) |