Каматите на кредитите почнуваат да растат
Стопанска банка реши од 22 август да ги зголеми каматните стапки на некои кредити
Маја Томиќ
Банкарските кредити поскапуваат. По последното зголемување на каматите на некои кредитни картички во почетокот на јуни, Стопанска банка направи нови измени во каматните стапки на кредитите за население.
Во вчерашното соопштение на банката се вели дека во согласност со настојувањата на монетарната власт за лимитирање на порастот на кредитирање на населението, од 22 август банката ќе ги зголеми каматните стапки на кредитите за автомобили за 0,25 процентни поени годишно, на потрошувачкиот кредит за 0,50 и на ОК- отворениот кредит за 0,40 процентни поени на годишно ниво.
Од банката сметаат дека со оглед на тоа што обезбедувањето сопствен дом е едно од најбитните прашања за населението, каматните стапки за станбените кредити ќе останат непроменети. Стопанска банка во почетокот на јуни направи корекција на каматите на некои платежни картички. Тогаш каматата за кредитот ОК од 12,9 скокна на 13,9 проценти годишно.
Засега нема најави од другите банки дека ќе го следат чекорот на Стопанска, иако е се' поизвесно дека и тие ќе извршат корекции на каматите, поради притисокот на инфлацијата, која се' уште се држи на високо ниво и во јули достигна 9,5 проценти.
Кредитната политика на банките почна да се менува во изминатите неколку месеци, откако инфлацијата во земјава почна да расте и од почетокот на годинава досега во два наврата ги надмина двоцифрените граници. Поради тоа, НБМ три пати досега интервенира кај каматните стапки на благајничките записи, кои во почетокот на јуни се искачија на високи 7 проценти. Тие во поранешниот период се движеа во границите на 5 проценти. Тоа беше со цел да се намалат заемите и да не се пуштаат повеќе пари во оптек, со што се подгрева и инфлацијата и се влошува тековната сметка на билансот на плаќања. Порастот на благајничките записи во практика неминовно значи и пораст на каматите на банкарските кредити. Некои од банките, при првите два наврата на зголемување на благајничките записи се воздржуваа од пораст на каматите, но по последното зголемување на инфлацијата во април од 10,1 отсто, се направија корекции на каматните стапки на некои кредити во Стопанска и во Комерцијална банка. Инаку, во март годинава кредитите за населението се зголемија за речиси 60 отсто во споредба со истиот месец лани.
Во Комерцијална банка во почетокот на јуни беа зголемени каматните стапки и на кредитите и на депозитите во просек меѓу 0,5 и 1 процентен поен. Односно, каматите на кредитните картички се зголемија за 1 отсто, а на потрошувачките кредити обезбедени со меница за 0,5 отсто. Засега од Комерцијална нема официјални информации дали наскоро ќе следува повторен пораст на каматите
Како што дознаваме, во Тутунска банка, која досега не изврши корекција на каматите, се' уште не се решени да воведат промени и зависно од најновите пресметки дополнително ќе оценат дали ќе извршат корекција, кога и за колку процентни поени.
Од ТТК банка, пак, уште во почетокот на месецов објавија дека вршат зголемување на каматите на кредитните картички за 1 процент и исто толку за кредитите на оние лица кои не примаат плата преку оваа банка.
Од НБМ неодамна изјавија дека остануваат на ставот и натаму да преземаат мерки за стабилизирање на инфлацијата и за одржување на стабилноста на девизниот курс. Според ставот Владата, пак, растот на инфлацијата е запрен и не се очекува нов пораст на цените. Во неодамнешната изјава на министерот за финансии, Трајко Славески, инфлацијата до крајот на годинава ќе го достигне нивото од пет проценти, како што е договорено со ММФ, а банките треба да преземаат мерки за да го намалат кредитирањето кај населението. |