Шпанија против Русија ја покажа сета своја моќ
Давид Виља го постигна првиот хет-трик на првенството
Шоу на Давид Виља во Инсбрук! Што и да посакаше успеваше да направи. Незапирлив, точен, прецизен. И довлно моќен да ја одведе Шпанија до првата победа и тоа убедлива над Русија од 4:1. Ете зошто Виља има резервирано место во првиот состав на Арагонес, кој не го ни повика Раул, а на клупата за резерви го остави и Фабрегас. Го прати на терен во 53 минута на местото на Торес, а овој веднаш му се оддолжи. Фантастично го проигра Виља за 3:0, а во 90 минута и самиот постигна гол за крај на приказната. Претходните два гола Виља ги постигна во 20 минута по асистенција на Торес и во 44 минута.
„Дадов три гола, но многу поважно е што тимот квалитетно стартуваше на ова ЕП. Важна е секоја победа. Не чека уште многу тешка работа“, порача Виља.
Селекторот Арагонес исто така беше на земја:
„Среќен сум поради победата, но морам да кажам дека имавме и среќа. Особено во првиот дел кога Русите играа одлично, а имаа и статива при 1:0“, вели Арагонес и додаде: „Виља е брилијантен! Но и Торес е фантастичен, штом добие малку простор го користи максимално“.
Селекторот на Русија Гус Хидинк смета дека неговите фудбалери ефтино загубиле. „Секоја наша грешка ја казнуваа со контранапад. Знаеја да ги казнат нашите ефтини грешки. Едноставно паднавме во нивната замка. Ни останува да се надеваме дека ќе научиме нешто од овој натпревар“.
Рехагел: Да не игравме дефанзивно ќе губевме 5:0 на полувреме
Шведска со победа од 2:0 над европскиот шампион Грција успешно стартуваше на ЕП. Иако, имаше шанси и во првиот дел Шведска и двата гола ги даде во вторите 45 минута, а првиот на Златан Ибрахимовиќ беше вистинско ремек-дело. Удар од косо од над 20 метри, кој беше незапирлив за Никополидис. Вториот гол беше дело на Хансон.
Селекторот на Грција, Ото Рехагел, ја бранеше дефанзивната тактика на својата екипа. Актуелните прваци практично не создадоа вистинска шанса, но и покрај тоа Германецот смета дека добро ја поставил екипата. „Да не одигравме вака ќе губевме 5:0 уште ��а полувреме.
Сакаме да постигнуваме голови, но вистина е дека не ги постигнуваме многу. Затоа мора да играме добро во одбраната и тогаш да се обидеме со контранапади. Мора да разберете дека немаме напаѓачки потенцијал на една Германија“, изјави Рехагел и додаде: „Некои мои фудбалери против Шведска не беа на нивото. Се трудеа, но против така цврста екипа не е доволно. Моите дефанзивци не учествуваа доволно во играта. Шведска заслужено победи“.
Селекторот на Шведска Ларс Лагербек, кажа дека очекувал таква затворена варијанта од Грција. „Јасно беше дека Грција ќе излезе со пет дефанзивци за да може да маркира. Конкретно не ме чуди што за Ибрахимовиќ одредија посебен чувар. Многу е тешко да се игра против Грција бидејќи се физички силни“, изјави Лагербек. |