Брајант ги врати во живот лејкерси
Лос Анџелес го победи Бостон со 87:81 и намали на 1:2 во финалето на НБА
Најдобриот кошаркар на кого во регуларниот дел на НБА лигата со право му припадна признанието МВП на првенството, плејот на „лејкерси“, Коби Брајант завчеравечер со „Стејплс центарот“ во Лос Ангелес го продолжи сонот на лејкерси. Имено, со 36 постигнати кошеви Брајант е најзаслужен за првата победа (87:81) на оваа екипа во финалната серија против тимот на Бостон. Сега селтикси водат со 2:1, и следната четврта средба е на програмата вечерва повторно во Лос Анџелес. Традициите постојат за да бидат рушени, а токму првата победа на лејкерси, во нивната арена, им даде надеж на Коби и другарите дека можат да се борат против лошата традиција.
Победникот на третиот меч беше решен во финишот на мечот односно последната четвртина. Како и на претходната средба во Бостон, лејкерси во завршницата влегоа фуриозно, меѓутоа за разлика од вториот меч кога предноста на домаќинот беше огромна, овој пат тие лесно и без многу проблеми успеаја да стигнат до првата победа.
„Едноставно речено, сакавме да играме. Не верувам дека пред почетокот на дуелот некој од мојата екипа се наоѓаше во очајна состојба. Излеговме на паркетот со желба да го победиме Бостон и во намерата успеавме“, заклучи Брајант. Единствената лоша точка во статистиката на овој кошаркар е неговиот лош процент во ударите од линијата за слободни фрлања 11/18. Кај поразениот тим на Бостон, најефикасен беше Реј Ален со 25 поени (од кои пет тројки), додека пак Кевин Гарнет постигна 13 поени, со катастрофален шут 6/21. Клучот на неуспехот за тимот на Бостон лежи во скромниот учинок на Пол Пирс, кој на средбата во Лос Анџелес постигна само шест кошеви.
Кошаркарите на ЛА Лејкерс во пресрет на одигрувањето на следните две средби во нивната арена, потајно веруваат дека нема да ја прекинат добрата традиција, која вели дека овој тим во натпреварите од плеј-офот во „Стејплс центарот“ годинава има одличен скор од 9:0, односно Лос Анџелес Лејкерс не знаат за пораз на домашен паркет на последните 15 мечеви, ��ури од 28 март. |