Фирмата „Планет М лимитед 2“ го оспорува Собранието на нашиот најтрофеен клуб
На вчерашната конференција за печат претставниците на фирмата „Планет М лимитед 2“ од Малта, кои конкурираа за нов спонзор на Вардар, преку свои претставници го оспоруваат последното собрание на ФК Вардар што беше одржано пред неколку дена. Адвокатот Сашо Тасевски, кој е официјален претставник на фирмата од Малта, тврди дека ќе поднесат преку суд барање за времена мерка за да се оспори собранието на Вардар од неколку причини.
„На објавениот конкурс за нов спонзор за Вардар конкурираше единствено фирмата „Планет М лимитед 2“ од Малта, што беше потврдено и од досегашниот в.д. претседател на клубот, Ванчо Шехтански. Постоеше само нашата понуда, меѓутоа, до ден-денес ние не добивме одговор дали понудата се прифаќа или не. Не знам од кои причини не ни беше дозволено да присуствуваме на собранието, наводно не сме имале покана за тоа.
Одговорно тврдам дека во деловната книга на Вардар не е заведена никаква друга понуда за преземање на клубот освен нашава ниту, пак, е доставена каква било банкарска гаранција од новиот спонзор на клубот што е избран на последното собрание“, им изјави на новинарите адвокатот Сашо Тасевски. (М. М.) |