Ракометарките од третиот шешир во ждрепката за ЕП
Извлекувањето на групите ќе се изврши на 20 јули во охридскиот амфитеатар
Женската ракометна репрезентација на Македонија ќе биде извлечена од третата група на ждрепката за декемвриското 8. Европско првенство, која ќе се изврши на 20 јули од 20 ч. во амфитеатарот во Охрид и ќе се совпадне со последниот натпреварувачки ден на Светското првенство за јуниорки. Во третиот шешир се и селекциите на Шпанија, на Австрија и на олимпискиот првак Данска, кои Македонија ќе ги избегне во прелиминарната фаза по групи. Носители на шампионатот се бранителот на титулата Норвешка, светскиот шампион и европски вицешампион Русија, „бронзената“ Франција и четвртопласираната Германија од претходното ЕП во Шведска. Во втората група се Унгарија, Шведска, Хрватска и дебитантот Португалија, а во четвртата Украина, Србија и повратничките на европските првенства Белорусија и Романија, кои не играа пред две години во Шведска. Како домаќин, Македонија има право да ја избере групата во која ќе се натпреварува.
Првата и втората фаза по групи ќе се одиграат во салите „Борис Трајковски“ во Скопје и „Билјанини извори“ во Охрид, а завршниот викенд само во главниот град. Која група во кој град ќе биде лоцирана ќе биде одредено веднаш по ждрепката. Влезниците за првенството ќе се продаваат на интернет од 15 септември, а 31 октомври е крајниот рок за акредитирање на известувачите.
Европското првенство во Македонија ќе се одржи од 2 до 14 декември. (Р.Д.) |