Сулфурот од Блаце се препакува за да мине низ државава
И по пет дена, нема точна информација за составот на течноста, речено е само дека станува збор за сулфур
Деспина Трајковска
Блаце - Сомнителната хемикалија која се наоѓа во трите камиони заглавени на Блаце од неделата почна да се препакува вчера во соодветни буриња. Со тоа се исполни условот на македонската Влада за транзит на камионите низ државава на патот кон Иран. Иако акцијата започна, нашите власти и вчера, петти ден откако зедоа мостри од течноста, не дадоа официјални информации за нејзиниот состав, од чија миризба, наводно, десетина полицајци од Блаце завчера побарале лекарска помош.
Владиниот портпарол Ивица Боцевски единствено рече дека според првичните сознанија станува збор за сулфур што се користи за разни намени. Во текот на вчерашниот ден, како што јави Макфакс, претставник на Косовскиот заштитен корпус, полковник Скендер Хоџа, изјавил дека сопственикот на косовската фирма која го увезла товарот од Иран е уапсен и против него е поведена истражна постапка. Станува збор за бизнисмен од Призрен, кој во декларацијата навел дека се превезуваат адитиви што се користат за производство на моторни масла.
Претурањето на течноста, што започна вчера околу 6 часот, го вршеа десетина лица ангажирани од косовската страна. Облечени во специјални скафандери, со гас-маски, екипите преку пластични шишиња ја претураа течноста од канта во канта. Акцијата се вршеше под будно око на претставниците на косовските власти, КФОР и УНМИК, а во набљудувачка мисија беше и екипа на македонскиот Центар за управување со кризи.
Никој од присутните на теренот не сакаше да коментира за настанот. Единствено тврдеа дека воопшто не станува збор за опасна материја, туку дека се работи за сулфур што се употребува во нафтената индустрија и не е опасен за здравјето. Официјална изјава одби да даде и заменик-министерот за внатрешни работи на Косово, Фатмир Џелили, кој беше во десетминутна обиколка на теренот. Накусо само посочи дека Косово и Македонија во врска со случајот имаат коректна соработка.
„Колегите од Косово ја водат операцијата максимално професионално, согласно со сите глобални стандарди за третирање хемикалии. На ваков начин косовските власти ја презедоа одговорноста за овој товар и тоа го прават соодветно. Се надеваме дека брзо ќе завршат и сите други постапки неопходни за пратката да биде вратена во Иран“, изјави вчера владиниот портпарол Ивица Боцевски и неколку пати повтори дека во изминатите пет дена не се регистрирани случаи на труење поради испарување на истечената течност од камионите. Носењето заштитни маски од страна на службениците на граничниот премин, Боцевски го прокоментира како дел од стандардни процедури и заштитни мерки.
Освен оптимизмот на нашата и на косовската страна дека проблемот ќе биде решен и камионите ќе тргнат кон крајната дестинација, конечна разврска на случајот вчера очекуваа и тројцата бугарски возачи на камионите. Крстјо Иванов, едниот од нив, кој додека се одвиваше акцијата за препакување на пратката вршеше ситни поправки на својот камион, рече дека е среќен што конечно ќе го продолжи патот. „Не очекувавме вакво нешто, ние само си ја вршиме нашата работа. Живи и здрави сме, немаме никакви последици од течноста што ја превезувавме и едвај чекам да го продолжам патот“, ни изјави возачот Иванов.
За разлика од завчера, кога граничниот премин Блаце беше затворен за влез и излез од државава за сите типови моторни возила, од вчера преминувањето на границата беше вратено во нормала. Камионите со буриња на меѓуграничниот простор на Блаце се наоѓаат од неделата откако косовските гранични служби не ги пропуштија, сомневајќи се во пратката. Без претходна најава ги вратија кон Македонија. |