Вториот хашки предмет „Непроштено“ стаса до Обвинителството
Во текот на идната недела, случајот ќе биде предаден на истражен судија
Гордана Дувњак
Предметот за случајот „Непроштено“, кој е еден од четирите што ги врати Хашкиот трибунал на процесуирање во Република Македонија, е преведен и доставен до јавниот обвинител, соопшти вчера Министерството за правда. Веста ја потврди за „Утрински весник“ и државниот јавен обвинител Љупчо Шврговски, кој не' информираше дека предметот веќе е распределен и откако ОБСЕ ќе направи увид во списите, во текот на идната недела ќе биде испратен до истражен судија во Основниот суд - Скопје 1.
„Предметот за Непроштено што го добивме од Хаг беше во форма на информација за настанот, во која имаше опис на она што се случило, но без конкретно посочување сторители. Паралелно со ова, во Обвинителството веќе постои оформен предмет што се води за Непроштено, кој е во фаза на истрага и каде што како обвинети се појавуваат Даут Реџепи - Лека, како и седум-осум други обвинети. Бидејќи станува збор за ист случај, списите ќе се спојат и натаму ќе се води како еден предмет“, додава Шврговски. Тој појаснува дека предметот што го водело Обвинителството не бил дел од петте македонски предмети што ги презеде своевремено под своја ингеренција Хашкиот трибунал.
Случајот „Непроштено“ е вториот предмет што влегува во процедува во Јавното обвинителство по предметот за киднапираните работници на ГП „Маврово“ за време на конфликтот во 2001 година.
По добивањето на предметот, јавниот обвинител на Република Македонија треба да постапи согласно со овластувањата дадени во Законот за Јавното обвинителство и Законот за кривична постапка, укажува Министерството за правда. Преостанатите два предмета што треба да се преведат и процесуираат се однесуваат на водството на ОНА и за затворањето на вентилите на Липковската брана.
Во Јавното обвинителство на Македонија се' уште немаат информација кога ќе биде закажано првото судско рочиште за малтретираните градежни работници на ГП „Маврово“, предмет што е отиден најдалеку во процесуирањето во споредба со останатите.
На списокот обвинети за овој случај се 17 припадници на ОНА. Меѓу нив се Кренар Османи, Шкодран Идризи и Фадиљ Ферати, кои беа во притвор поради малтретирањето на работниците, но излегоа откако Хаг ја презеде надлежноста врз предметот. Освен тројцата кои беа во притвор, уште 14 лица се обвинети за неколкучасовното грабнување и изживување врз петте работници на Градежното претпријатие „Маврово“ во 2001 година, на патот Скопје -Тетово.
Случајот со малтретираните работници беше предаден во Основниот суд Скопје 1 на 21 мај оваа година. Предметот ќе се води во Кривичниот суд во новата судница во која се следат најтешки форми на криминални дела. Со реформите во судството и бараните услови од Трибуналот за враќање на Хашките предмети, судницата комплетно е опремена од техничка страна со соодветна безбедносна заштита, видеонадзор, видеобимови, можност за сослушување заштитени сведоци, како и за линкуван пренос од сослушување сведоци кои не се во земјава. |