Русија и Грузија започнаа воени маневри „синхронизирано“
Малата и сиромашна Грузија во 2008 за армијата ќе потроши дури 990 млн. долари
Од нашиот дописник Бранко Влаховиќ
МОСКВА - Русија и Грузија, речиси истовремено, во вторникот почнаа маневри и демонстрација на воена моќ. Руските десантни единици учествуваат во вежбите во близина на превојот Роског, кој од јужната страна е контролиран од непризнатата Јужна Осетија, а грузиските специјалци заедно со Американците ја вежбаат акцијата "Моментален одговор". Парламентот на Грузија во тоа време одлучи да го зголеми бројот на војниците, а го зголеми и воениот буџет.
Русија својата антитерористичка вежба ја нарече "Кавказ 2008", а во неа учествуаат околу осум илјади лица. Освен десантните единици од Псков и Новоросиска, учествуваат и авијацијата, противвоздушната одбрана, како и десантните единици од Црноморската флота и од Касписката флотила. Дел од вежбите ќе поминат непосредно по должината на границата на Грузија и Јужна Осетија. Во програмата на маневрите, руските десантни единици ќе вежбаат заробување и уништување на терористи во планините на височина повисока од 2.500 метри.
Иако во раководството на руската армија тврдат дека овие маневри не се во директна врска со ситуацијата во Грузија бидејќи ова лето во Русија ќе се одржат повеќе од 140 тактички вежби, факт е дека вежбата во близина на границата со Јужна Осетија и Абхазија не се одвива случајно.
На друга страна во маневрите во Грузија, според информациите на тамошните медиуми, учествуваат околу илјада американски војници и шестотини грузиски специјалци. Како набљудувачи учествуваат по десет офицери од Азербејџан, Ерменија и од Украина. Вежбата во Грузија во целост ја финансираат Американците.
За време на маневрите во Грузија единиците ќе извршуваат задачи на теренот, но и раководството ќе одржи командно-штабни вежби. И во Тбилиси велат дека маневрите се плански и дека немаат никаква врска со ситуацијата во Абхазија и во Јужна Осетија.
Парламентот на Грузија во вторникот одлучи да го зголеми бројот на војниците за пет илјади. Грузиската армија во иднина ќе има 37.000 војници и офицери. Давид Бакрадѕе, претседател на грузискиот парламент, изјави дека бројот на војниците е зголемен бидејќи Тбилиси испраќа свои војници во разни мировни операции. Меѓутоа, претседателот на Комитетот за одбрана при грузискиот парламент Гиви Таргамаѕе отворено рече дека бројот на војници е зголемен поради ситуацијата во која се наоѓа земјата. Освен тоа, Таргамаѕе наведе дека главната опасност на Грузија и' се заканува од Русија.
Парламентот на Грузија во вторникот го зголеми и овогодинешниот буџет на Министерството за одбрана дури за 209 милиони долари. Малата Грузија во 2008 година за армијата ќе потроши дури 990 милиони долари. |