Ирците бурно реагираа на повикот на Саркози повторно да гласаат
Ирска е единствената од 27 земји-членки на ЕУ што одржа референдум за спогодбата од Лисабон
ДАБЛИН - Ирските министри силно реагираа на коментарот на францускиот претседател дека Република Ирска треба да одржи нов референдум за Лисабонската спогодба. Министерот за европски прашања Дик Роше изјави дека "многу, премногу е рано да се зборува за референдум или за некоја посебна политика за напредување". Министерот за надворешни работи Мишел Мартин рече дека Ирска нема да биде злоупотребена.
Саркози ќе го посети Даблин в понеделник, обидувајќи се да најде начин за напредок откако ирските гласачи ја отфрлија спогодбата на ЕУ на 12 јуни. Франција сега се наоѓа на чело на шестмесечното ротирачко претседателство на ЕУ и сака да го надмине каменот на сопнување со Лисабонската спогодба пред завршување на мандатот.
Саркози беше цитиран дека "Ирците ќе треба повторно да гласаат". Тој зборуваше пред пратениците на неговата конзервативна партија УМП во вторникот во Париз. Ирска е единствената од 27 земји-членки на ЕУ што одржа референдум за спогодбата, чија цел е насочување на институциите на ЕУ за да се подобри процесот на донесување одлуки во проширената Унија.
Критичарите истакнуваат дека спогодбата е уште еден доказ за федералистички проинтеграциската агенда во ЕУ. Спогодбата треба да биде ратификувана од сите 27 членки за да стапи во сила.
Министерот за надворешни работи Мартин рече дека Саркози "само ќе слуша" при посетата на Даблин. "Не прифаќаме какви било изгледи или злоупотреби од кого било. Ние гледаме на тоа од ирска перспектива и што е во најдобар интерес за Ирска", рече тој. Висок извор на ирската влада изјави за Би-��и-Си дека "не сакаме да имаме спор со Саркози". Владата "не знае точно што изјавил Саркози пред пратениците на УМП", додаде тој.
Меѓутоа, некои ирски критичари остро го критикуваа претседателот Саркози. Лидерот на опозициската Лабуристичка партија Ејмон Гилмор рече дека францускиот лидер "сериозно се вмешал во тоа". Претставникот на Шин Фејн, Енгус О'Снодеј, ги опиша коментарите на Саркози како "длабоко навредувачки" за ирскиот народ.
Минатиот месец лидерите на ЕУ се согласија дека ирската влада ќе ги презентира своите идеи за спогодбата на следниот самит на ЕУ во октомври откако ќе ги анализира причините за гласањето "против". Во изјавата дадена во вторникот во Њујорк, премиерот Брајан Кауен рече дека "импликациите и последиците" од ирското "не" ќе треба да се разгледаат детално. "Тоа едноставно не е внатрешно прашање, туку пошироко прашање за дискусија со колегите од Европската унија како тие гледаат на работите. Сега сме на почетокот на процесот наместо на крајот", рече тој.
Близок помошник на Саркози, Анри Гвеино, во изјава за телевизијата "Франс 2" рече дека барањето Ирците повторно да гласаат е "едно од решенијата". Но, во тој случај текстот на спогодбата "веројатно нема да биде истиот". Тој нагласи дека коментарите на Саркози за ново ирско гласање "не се официјална изјава".
Проблемот на Саркози е како да ја продаде идејата за втор референдум во Ирска - земја која е особено чувствителна на се' што може да се протолкува како злоупотреба од нејзините поголеми европски соседи, јави дописникот од Париз. ЕУ сега работи според спогодбата од Ница, која ирските гласачи првпат ја одбија во 2001 година, но ја прифатија една година подоцна на повторниот референдум. Меѓутоа, неуспехот на Уставот на ЕУ во 2005 година ги отежнува условите за повторно одржување референдум за Лисабонската спогодба. Француските и холандските гласачи го отфрлија Уставот во 2005 година, а ЕУ се изјасни против ставање на уставот на ново гласање. (Би-Би-Си) |