ЕДИТОРИЈАЛ
Кај нас и Хипократ заболе
Мирче Јовановски
Ќе најде ли здравството лек за корупцијата во своите редови? Ниту реформите ниту политичкото влијание и несовесното работење, туку токму корупцијата е најголемиот проблем во јавното здравство. Вака мислат убедливо најголемиот број граѓани, кои неодамна беа анкетирани во истражувањето што го спроведе агенцијата „Рејтинг“ за „Утрински весник“.
Но, наместо сериозно да пристапи кон итни мерки што ќе доведат до промена на ваквата перцепција кај пациентите, здравствените власти нудат утешителен одговор - порано било уште полошо. Како да не е алармантно што дури тројца од секои десет испитаници (односно 34 отсто) сметаат дека корупцијата е главната причина за лошата состојба во јавното здравство. Треба ли овој процент да биде 40-50 или повеќе отсто за пораката да се сфати сериозно?
За некого резултатите од анкетата не соодветствуваат со реалноста, други, пак, го мислат спротивното. Впрочем, реакциите на вакви и слични анкети се секогаш поделени, зависно кој како му пристапува на проблемот. Да не заборавиме, неодамна во полициска акција за примање мито беа притворени членови на комисии кои решаваа за инвалидски пензии. Исто така, при промоција на една нова болница, нејзиниот сопственик изјави дека цените на услугите ќе бидат колку што било митото во државното здравство...
Она во што сите се согласуваат е дека состојбите во јавното здравство се повеќе од лоши. Така не е од скоро, туку сегашната катастрофална состојба е резултат на проблеми што се напластувале со години. Тоа не е спорно, како и дека оваа констатација, сепак, е слабо оправдување за оние што сега го имаат жешкиот костен во рацете и задачата да го извадат јавното здравство од калта во кое е длабоко зацапано.
Такво нешто заслужуваат и пациентите, оние што секој месец издвојуваат значаен процент од своите лични примања да добијат квалитетна услуга, но и лекарите, меѓу кои, и покрај лошите услови за работење, има и многумина што искрено ја сакаат професијата и се' уште веруваат во Хипократовата заклетва како врвен морален кодекс на лекарите.
Не се малку и оние што тврдат дека корупцијата, иако граѓаните ја перцепираат како главната причина за лошите состојби во јавното здравство, всушност, е последица на многуте промашени потези што беа влечени во здравствениот сегмент, на политичките и партиските препукувања, кои доведоа до фијаско на реформите и до превработеност. Впрочем, секоја власт се однесуваше како од неа да почнува се', па така и реформите во здравството. Она што беше започнато се тргаше настрана, без оглед колку пари беа потрошени, се нудеа нови, нецелосно испитани решенија, за набрзо потоа да се повлечат. Не треба да се оди далеку, доволно е да се споменат експериментите со поделбата на Клиничкиот центар, с�� економските менаџери, но и отворањето на медицински факултети како печурки по дожд, небаре властите да се заљубени во марсковата мантра дека квантитетот секогаш дава квалитет. А, тоа што нема доволно соодветен кадар да ги исшколува идните лекари, како никого да не загрижува.
Иако Македонија е мала земја и нејзиното стопанство е кревко, во здравството, сепак, се вртат големи суми пари околу кои се преплетуваат многубројни интереси. Во таа битка повеќе од очигледно е дека јавното здравство континуирано губи од приватниот сектор. Можеби е пресилна констатацијата на оние што тврдат дека има систем во таквиот тренд јавното здравство да се запоставува наспроти приватното, но јасно е кој е добитникот, а кој губитникот. На крајот, губат пациентите за кои се недостапни скапите приватни услуги, или кои ќе платат двојно - еднаш како осигуреници на Фондот за здравство, а втор пат, за услуга што ја овозможуваат приватниците со скапата и софистицирана медицинска опрема.
Конечно, несфатлива е индолентноста на државата во целиот период на самостојна Македонија и изговорите дека нема пари да се изгради една асална болница, а во исто време, да сме сведоци дека такво нешто им поаѓа од рака на поединци во приватниот сектор. |