Број 3293  сабота, 29 мај 2010
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Анализа
Мислења
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска
Стил

Site Meter

Писмо од Лондон

Маките на граѓанинот Дејв

Томислав Ивановски

Камерон ги одбива сите сугестии на британските безбедносни служби, а тие мислат дека станува ранлив и лесна цел за напад на терористи

ЛОНДОН - Само две недели откако е премиер на Велика Британија, Дејвид Камерон се судри со луѓето задолжени за неговата лична безбедност. Навикнат како лидер на опозицијата да има слобода на движењето, џогирајќи низ квартот каде што е неговата семејна куќа, одејќи пешки до продавниците во соседството, шетајќи се со своето семејство и возејќи се велосипед до зградата на Парламентот, новиот премиер не сака да ја наруши досегашната привилегија да биде „граѓанинот Дејв“, без никаква полициска придружба или посебна безбедносна заштита. Сега затоа настојува своите стари навики да ги приспособи кон протоколот предвиден за неговата нова позиција, но обезбедувачите не мислат така, па сметаат дека тоа, едноставно, не може да функционира или, пак, дека ќе биде премногу скапо задоволство.

Враќајќи се од Бакингмската палата каде што од кралицата доби мандат за составување на новата британска влада, до Даунинг стрит 10, во службениот „јагуар“, Камерон со сопругата се возеше низ лондонските улици без редовната полициска придружба на моторцикли, застанувајќи на сите семафори што се најдоа на таа, инаку куса делница. Потоа,ж одеше пешки по Вајтхол до зградата на парламентот на првата седница во Долниот дом, движејќи се меѓу луѓето што случајно се затекоа тоа време на тротоарите, а репортерите уште двапати го уловија новиот премиер како со папка, со службени документи пешачи по главната владина улица, прво се генералниот секретар на владата, а подоцна со заменик-премиерот Ник Клег и со двајца други владини министри. Камерон и неговата сопруга се' уште не се преселуваат од семејната куќа во лондонскиот кварт Кенсингтон, во службената резиденција во Даунинг стрит 10, а по углед на нив во официјалната резиденција во истата уличка, не се преселува ниту министерот за финансии, Џорџ Озборн. Премиерот уште и не сака да се откаже од својот личен мобилен телефон, веројатно, по углед на американскиот претседател Барак Обама, кој, исто така, ја нервираше тамошната тајна служба инсистирајќи на почетокот, да задржи нешто од претходната приватност.

Камерон ги одбива засега сите сугестии на британските безбедносни служби, предизвикувајќи нервоза кај нив, затоа што тие мислат дека однесувајќи се како да и натаму само Дејв, станува „ранлив и лесна цел за напад на терористи, на осамени гневни луѓе или на сајбер криминалци“. Ако е тој податлив за напад од кого било на улица, тогаш тоа се и сите оние што пешачат со него, но и обичните луѓе што случајно ќе се затечат во нивната близина, оценуваат британски безбедносни експерти, забележувајќи дека однесувањето на новиот премиер, во основа, ги поткопува досегашните владини оценки за безбедносната ситуација во земјата. На неколку пати разузнавачката агенција МИ-5 предупредува дека Велика Британија и натаму се соочува со можноста од терористички напад од поголеми размери, но тоа би можело да се стави под сериозно сомневање, доколку нејзиниот премиер продолжи и понатаму да се шета низ центарот на Лондон, како во својата домашна градина, или да седи заглавен со службеното возило на некој семафор, или во некоја од лондонските улици, изложен на лесен напад на бомбаш самоубиец или атентатор.

Блиски пријатели на премиерот се обидуваат да го одбранат во неговите настојувања да не биде постојано опкружен со полицајци и обезбедувачи, кои ќе го следат на секој чекор, верувајќи дека во кусата пешачка дестинација меѓу службеното седиште на владата и зградата на парламентот нема ништо страшно. Застапниците на уште поголемата либерализација на британското општество, меѓутоа, го поддржуваат Камерон во неговите настојувања уште на стартот од својот мандат да раскине со досегашната, како што велат, претерана безбедносна заштита што ја имаа британските премиери. Според овие гледања, придружбата со полициски моторцикли и брзото возење низ лондонските улици, со помош на исклучени семафори и безбедно отворен пат, личело на времето на советскиот комунизам кога моќните комунистички лидери се возеле затскриени зад завесите во блиндираните возила, заобиколени од цела чета полицајци на моторцикли, целосно оддалечени од обичните луѓе и реалниот живот. Се смета дека било претерано кога во 1997 година пред влезот во Даунинг стрит 10, Тони Блер и неговата сопруга ги пречекале двајца вооружени полицајци со панцири, иако тогаш новоизбраниот премиер и неговата Сери пешки го минале патот до вратата на резиденцијата од влезот во уличката што по годините на насилството и тероризмот на ИРА е затворена со тешка железна порта.

Велика Британија, за разлика од САД, на пример, каде што се убиени или тешко ранувани неколкумина тамошни претседатели, нема богата традиција на политичко насилство. Но, сепак, овде деновиве се потсетија на 11 мај 1812 година, премиерот од тоа време, Спенсер Персивал, е убиен додека влегувал во зградата на парламентот не од терорист, туку од осамен гневен човек, кој ја обвинувал владата дека со својата политика предизвикала да му пропадне бизнисот. Во денешно време, пред две недели, пратеникот на Лабуристичката партија, Стивен Тимс, беше прободен со нож од една жена додека овој имал средба со гласачите во една лондонска изборна единица. Пред десет години гневен човек со меч го прободе и тешко рани еден пратеник на либералдемократите, но го уби неговиот советник. Експерти велат дека опасноста од напад од вакви гневни и психолошко лабилни типови е поголема од можноста за извршување политички атентат. Во „сивите години“ на тероризмот на ИРА тоа, сепак, два пати им се случи на британските премиери. Прво, на Маргарет Тачер, која во 1984 година среќно се спаси од подметната бомба во хотелот „Гранд“ во Брајтон, како одмазда за смртта на еден од водачите на ИРА, Боби Сендс, кој умре штрајкувајќи од глад, а потоа и на Џон Мејџор кога во февруари 1991 година ирските републиканци исфрлија три гранати кон дворот на Даунинг стрит 10, додека тогашниот премиер одржуваше состанок со повеќемина министри.

Оние што го бранат настојувањето на новиот премиер да остане „граѓанинот Дејв“, колку што е можно тоа во новите услови, инсистираат дека никаква полициска заштита не ќе го спасеше Мејџор од гранатите на ИРА ако тие не ја промашеа целта како што во јули 2005 година никакви полицајци со панцири не можеа да спречат четворица исламистички заговорници, бомбаш- самоубијци, да убијат 52 лица, па не ќе го спасат ниту Камерон. Аргументите на другата страна се сосема поинакви и тргнуваат од тоа дека не може британскиот премиер да биде оставен како лесна цел на напад и дека секој што ја презема таа функција ќе кора да се приспособи кон безбедносните правила што се создадени затоа што е се' уште премногу ризично работите да се вратат на времето од пред 50-60 години и подалеку. Тогаш Даунинг стрит беше отворена за секого, па луѓето можеа да дојдат до пред вратата на својот премиер или да се поздрават со него, собирајќи се околу службената резиденција додека станарот во таа улица, во куќата со број 10 влегуваше како нов, или си одеше оттаму како бивш премиер.

На тоа време, очигледно, ќе мора да се почека, па безбедносните служби не се многу воодушевени и од тоа што Камерон се' уште живее во својата семејна куќа. Пред нејзината врата, веќе постојано има двајца вооружени полицајци, целата улица е под контрола, се внимава на секое влегување и излегување од неа, а ако се одлучи премиерот да не се сели, ќе мора таму да се инсталира и дополнителна електронска опрема и бројни камери, што ќе чини многу нови пари од буџетот, а поради што животот на соседите ќе се претвори во измачување. Службите сметаат дека затоа работите треба да се вратат по старо, онака како што беше и досега, меѓу другото и затоа што велат дека не е фер новиот премиер да шета пеш по Лондон, кога во исто време Парламентот е претворен во безбедносна тврдина, а патниците на лондонските аеродроми од безбедносни причини ги соблекуваат и ги скенираат.


#
Статијата е прочитана 624 пати.

Испрати коментар
Најди! во Утрински
Насловна
Кај нас и Хипократ заболе
Македонците остануваат страсни пушачи
Зденко
Филип Петровски исклучен од партијата на Бошкоски
Тесната кожа на Груевски
Ексцентрикот зад јаката
Очекува бебе и венчавка
Пандев дочекан како херој во Струмица
Здравството на испит
Колапс на браковите
Дипломатска битка за Мајка Тереза
Сараевскиот самит не ветува многу за регионот
Хаос
Нова надеж
Марфиеви закони
Свети Павле повторно меѓу Македонците
Невкуснa почит за Мајка Тереза
Штип живее од пензии и од текстил
Политичарите мора да мислат на иднината