Минимална, но голема победа за Металург
Букстехуде совладан во Автокоманда со 22:21 во првиот натпревар од полуфиналето на Челинџ купот
Роберт Димитриевски
Без разлика на резултатот во реваншот в сабота во Германија, ракометарките на Металург можат да бидат горди на себе по првиот натпревар од полуфиналето на Челинџ купот, во кој пред своите навивачи во Автокоманда го совладаа Букстехуде со 22:21. Победата е минимална, а со тоа и многу тешко одбранлива, посебно ако се има предвид хаваријата на Безансон во четврт-финалето, кога во Букстехуде беше „прегазен“ со 37:14, но никој не може на Металург да му ја одземе надежта. Дотолку повеќе што против финалистот од 2002 година во ова натпреварување и петтопласиран тим по основниот дел од Бундеслигата го одиграа својот најдобар меч сезонава, во кој ја забележаа петтата победа во седмиот настап во Челинџ купот. Уште да можеше повредениот втор стрелец во овој куп Мирјета Бајрамовска да даде сто проценти од своите можности и да не беше чудниот критериум на украинската судиска двојка Ракитина-Ткачук...
Дека Металург нема намера однапред да му се предаде на фаворизираниот противник беше видливо уште во првото полувреме, кое гостинките го добија со 12:11, иако домашните во најголем дел ги диктираа играта и резултатот. Составот на Крсто Петрушевски одлично влезе во дуелот и со двата гола на Даниела Новеска и со реализираниот седмерец на Зорица Десподовска имаше 3:1 по почетните четири минути. Во уште шест наврати во првите 30 минути скопјанки имаа предност, за што голема е заслугата на голманката Тања Андреева, која брилјираше на голот, одбранувајќи три седмерци покрај шест скротени удари од игра.
Во вториот дел чуварот на мрежата и на македонската репрезентација скроти само два удара на противничките ракометарки, но овој пат одбраната ја одмени против исклучително брзиот тим на Букстехуде, кој постојано инсистираше на брз центар и на уфрлање на втор пикер. Во нападот, пак, се разбуди Елена Ѓорѓиевска, која шест од своите осум гола во средбата постигна тогаш кога се решаваше победникот. Леворакиот бомбардер во 39 мин. му го донесе највисокото водство на својот тим од 16:13, но тешката повреда на коленото на Ардита Алими, која пред тоа имаше три извонредни влеза, но нема да може да игра во возвратниот натпревар, како да ги пресече „металурзите“.
Букстехуде со серија од 7:1 го сврте текот на настаните, поведувајќи со 20:17. Разнишаниот Металург го прекина деветминутниот пост во 48 мин., намалувајќи на 17:18, а Андреева две минути подоцна ја прокнижи својата прва одбрана во второто полувреме. Тие два момента најавија пеколен финиш на домашната екипа, која со фанатична одбрана во завршните десетина минути и со серија од 5:1 стигна до толку посакуваната победа. Неа ја завери Робертина Мечевска со успешен лоб на 40 секунди до крајот, за по последниот звук на сирената да настане големо славење на паркетот и на трибините.
Во другиот полуфинален дуел германски Гепинген дома го совлада Вистал Лачпол од Полска со 29:24.
НОВЕСКА: ГОЛЕМА ПОБЕДА
Крсто Петрушевски: „Тие беа големи фаворити, но ние одигравме како што се договоривме - борбено, ангажирано и мотивирано. Можеше да биде и поповолно за нас, ако не беа некои грешки, но тие произлегоа од преголема желба. Ќе биде тешко да се помине, имајќи предвид како си поминаа другите таму, посебно Безансон. Но, ние ја остваривме целта со тоа што победивме дома“.
Даниела Новеска: „Потајно очекувавме победа, но никој не сакаше тоа јавно да го каже. Во соблекувалната се договоривме да одиграме борбено и со голема желба и тоа и го направивме. Голема победа, бидејќи противникот е за секаков респект“.
Металург - Букстехуде 22:21
Полувреме: 11:12. Сала: „Автокоманда“ во Скопје. Гледачи: 800. Судии: Ракитина и Ткачук од Украина. Седмерци: Металург 4/5, Букстехуде 3/9. Исклучувања: Металург 10 мин., Букстехуде 6 мин. Загубени топки: Металург 13, Букстехуде 16.
Металург: Крстевска, Т. Андреева (8+3), Мечевска 2 (2/2), Алими 3 (3/3), А. Андреева, Новеска 2 (2/5), Д. Ѓорѓиевска (0/1), Бајрамовска 3 (3/11), Десподовска 2 (0/3, 2/3), Е. Ѓорѓиевска 8 (6/8, 2/2), Пешевска (0/1), Николовска, Величковска, Митрова 2 (2/4). Тренер: Крсто Петрушевски.
Букстехуде: Д. Клајн, Краузе (11+1), И. Клајн 4 (3/7, 1/3), Воде 1 (1/1), Булау 3 (3/5), Луц 3 (3/5), Шмашке, Хенце 5 (5/7), Ламајн 2 (2/2, 0/2), Штапелфелт 3 (1/3, 2/4), Приор (0/1), Олденбург. Тренер: Дирк Лојн. |