Број 3255  понеделник, 12 април 2010
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска

Site Meter
Спорт

Реал на колена, Барселона на врвот

Каталонците славеа во 160. „Ел Класико“ во Мадрид со 2:0 и направија огромен исчекор кон новиот наслов

Долгоочекуваниот „Ел Класико“, најголемото дерби на шпанскиот, а веројатно и на светскиот фудбал, и четврти пат во серија му припадна на Барселона. Дека играат најдобар фудбал на светот, фудбалерите на Гвардиола потврдија и против најголемиот ривал, задавајќи му смртоносен удар пред неговите навивачи, токму како и минатата сезона кога прелетаа покрај Мадрид, декласирајќи го домаќинот со 6:2. Овој пат Каталонците беа поблаги, но тие 2:0 се повеќе од доволни за скок на првото место.

Реал минатото лето вложи повеќе од 200 милиони евра за реконструкција на тимот, но го загуби и второто „Ел Класико“ сезонава. Барселона беше убедлива и на „Сантијаго Бернабе“, а тоа беше 160. лигашки двобој на двата најтрофејни и најбогати шпански клуба и 62. триумф на каталонската гордост (68 победи има Реал).

Двата мегатима во кои не настапија повредените Кака и и Ибрахимовиќ, во првите 45 минути не пружија спектакуларен фудбал. Тоа беше борба за секој метар, а само еден удар одеше кон голот. Сосема доволно гостите да поведат. Се играше 33. минута кога Барселона изведе чудесна акција - Чави во свој стил ја поткопа топката која ја прелета домашната одбрана, втрча Меси, се ослободи од Албеола и ја протурка топката покрај немоќниот Касилјес (40 гол сезонава за Меси, 27 во првенството).

Во продолжението Реал шутираше од сите позиции (Роналдо, Игуаин, Гаго), но Барселона во 56. минута уште еднаш покажа како едноставно може да се стигне до погодок. Видовме уште една брилијантна асистенција на Чави, а Педро беше непогрешлив во ситуација еден на еден со домашниот голман. До крајот на мечот Валдез го одбрани зицерот на Рафаел ван дер Варт, но Касилјес два пати го надмудри Меси и го спаси „кралскиот клуб“ од уште поголема катастрофа.

Кога гостинот победувал на „Ел Класико“, во повеќето случаи го освојуваше и првенството. Сега Барселона е на 80 бода, три повеќе од Реал, а до крајот останаа уште седум кола.

Во оваа дерби Барселона уште еднаш ги воодушеви шпанските медиуми, додека Реал е соочен со бесот на делот од јавноста, која му е наклонета.

Каталонците во Мадрид во извесна мера отстапија од својата игра полна со убавина, но покажаа исклучителна ефикасност, како и понекогаш потценет одбранбен квалитет.„Кралевите“ го имаат најскапиот играч во светот, Кристијано Роналдо, но Каталонците, пак, го имаат најдобриот - Лионел Меси. Двобојот на „Сантијаго Бернабе“ може да се окарактеризира како дуел на најдобрите фудбалери на денешницата, но Аргентинецот не мисли така, иако беше славеник.

„Не беше борба меѓу мене и него. Едноставно одлучи фактот што Барселона беше посупериорна во Мадрид. Се вративме на врвот и сега имаме предност“, изјави Меси по мечот.

Стратегот на Реал, Мануел Пелегрини, не можеше да го опише разочарувањето по поразот од Барселона и уште едно неуспешно „Ел Класико“.

„Фрустриран сум и немоќен. Можевме да направиме многу повеќе, Барселона не играше „атомски“, но прва поентираше и тоа ги направи посилни. Способни сме за многу повеќе од тоа што го презентиравме. Сепак, изгубивме од посупериорен тим“, призна Пелегрини.

Неговиот колега, Пеп Гвардиола, се разбира, беше задоволен: „Одигравме сериозен натпревар, иако не одигравме убав фудбал. Но, можам само да им честитам на фудбалерите, кои се соочија со исклучително силен противник“.


#
Статијата е прочитана 517 пати.

Испрати коментар
Најди! во Утрински
Спорт
Савевски за група со Норвешка
Минимална, но голема победа за Металург
Челзи прв финалист во ФА купот
Второто место на Западот поблиску за Далас, подалеку за Денвер
Шалке падна во Хановер, Штутгарт го расплака Берлин
Холифилд повторно светски шампион
Дејвид Бекам и деветте најмалерозни ѕвезди
Интер со половичен плен и во Фиренца
За Ериксон месечна плата од 305 илјади евра
Исинбаева ќе паузира на неодредено време
Јотовски за малку не успеа во Адана
Твенте гази кон титулата во Холандија
„Бродолом“ на јуниорите во Порто
Неславен настап на надежите во Романија