Исинбаева ќе паузира на неодредено време
Светската рекордерка во скок со стап не освои медал на последните две големи натпреварувања
Една од најдобрите светски атлетичарки, Русинката Елена Исинбаева (27), ја изненади јавноста со одлуката да ја прекине кариерата на неодредено време.
„Изминатите три недели многу размислував за својата кариера и на крајот заклучив дека пауза во овој момент е најдобар избор. Потребен ми е одмор од тренинзи и натпревари. Не знам колку долго ќе одморам, за тоа ќе одлучам во од, но во овој момент можам да кажам дека не ја исклучувам можноста да настапам на Европското првенство во Барселона оваа година“, соопшти олимписката победничка, повеќекратна светска шампионка и рекордерка во скок со стап.
Исинбаева, очигледно, се засити од атлетика. Некогаш непобедливата во нејзината дисциплина не освои ниту еден медал на последните две големи натпреварувања, Светското првенство на отворено во Берлин во август минатата година и Светското првенство во сала во Доха во месец март оваа година. Во нејзина сопственост е светскиот рекорд кој изнесува 5,06 метри на отворено и 5 метри во сала, резултати кои досега ги подобруваше дури 27 пати.
„По повеќе од осум години напорни тренинзи и натпревари на највисоко ниво потребен ми е одмор за да го освежам телото. Повторно морам да најдам ментален поттик. Да се победува на највисоко ниво треба човек да биде свеж. Можеби сум емотивно заморена и потребен ми е одмор“, додава Исинбаева.
Дека ваквата одлука не значи и дефинитивен крај на кариерата потврдуваат нејзините долгорочни цели и амбиции. Тие остануваат исти, а се однесуваат на одбрана на олимписката титула во Лондон во 2012 година и светските на првенствата во 2011 година и во 2013.
Во 2005 година Исинбаева стана првата жена во историјата која ја прескокна летвичката на височина од пет метри. Актуелниот рекорд на отворено (5,06 метри) го постави лани во Цирих, а во сала (5 метри) тоа го стори на митингот во Доњецк, исто така во 2009 година на 15 февруари. Но, следуваше дебакл во Берлин. Во финалето три пати ја соборуваше летвичката (златото заврши кај Полјачката Ана Роговска, среброто кајсонародничката Моника Пирек, бронзата кај Американката Челзи Џонсон), откако претходно не успеа да прескокне ниту една височина. Шокот од Берлин е неспоредлив со оној во Доха што се одржа од 12 до 14 март оваа година. Исинбаева во Катар заврши на четвртото место (победи Бразилката Фабијана Мурер, Русинката Светлана Феофанова беше втора, Роговска трета) по што следува и нејзината одлука за одмор на неодредено време по најтурбулентниот период во кариерата.
Исинбаева има две олимписки злата (ОИ 2004 во Атина и ОИ 2008 во Пекинг), триумфира на отворените СП во 2005 година во Хелсинки и во 2007 година во Осака, „позлате“ на СП во сала во Будимпешта во 2004 година, во Москва во 2006 година и во Валенсија во 2008 година, во својата, и онака, богата колекција трофеи додаде и злато од ЕП на отворено во Гетеборг во 2006 година и на ЕП во сала во Мадрид во 2005 година. |