Савевски за група со Норвешка
Денеска во Белград ждрепка за квалификациите за ракометното ЕП 2012
Селекторот Љубомир Савевски посакува македонската ракометна репрезентација во денешната ждрепка од 11 ч. во Белград да падне во една од седумте квалификациски групи за Европското првенство 2012 во која носител ќе биде Норвешка. Резервна желба од првиот шешир му е Хрватска поради атрактивноста и сигурно преполната сала „Борис Трајковски“ во Скопје.
„Кога веќе инсистирате, тоа се моите две потајни желби, иако не знам дали може човек да посака некого за противник, дури и од третиот шешир, каде што сите селекции се силни. Кога би бил во ситуација да избирам, тогаш би се решил за Белорусија или за подобриот меѓу Португалија и Холандија“, вели Савевски.
Македонија ќе биде во вториот барабан, заедно со Шпанија, Исланд, Чешка, Словенија, Русија и Словачка, кои автоматски не можат да се најдат со нас во група. Покрај Норвешка и Хрватска, во првиот шешир се и Данска, Полска, Германија, Норвешка, Шведска и Унгарија, а третиот покрај Белорусија и Холандија/Португалија го сочинуваат и Австрија, Црна Гора, Украина, Романија и Босна и Херцеговина. Послабиот меѓу Холандија и Португалија, заедно со Швајцарија, Грција, Литванија и победниците на трите претквалификациски групи ќе го формираат четвртиот шешир.
Квалификациите ќе стартуваат на 27/28 октомври годинава и по принципот секој со секого дома и на гости ќе завршат на 11/12 јуни 2011. По две најдобри селекции од секоја од седумте групи плус бранителот на титулата Франција и домаќинот Србија ќе играат на ЕП што ќе се одржи од 17 до 29 јануари 2012 во Белград, Ниш, Нови Сад и Вршац.
Избраниците на Савевски попладнево ќе се соберат во СРЦ „Кале“, а утре заминуваат за Тунис, каде што од 15 до 17 април ќе настапат на турнирот на кој ќе учествуваат и Алжир, Црна Гора и домаќинот. До вчера немаше откажувања, така што денеска се очекуваат сите 16-мина повикани ракометари, и тоа голманите Ангелов и Ристовски, крилата недановски, Алушовски, Левов и З. Мојсоски, бековите М. Стоилов, Н. Мојсоски, Мајнов, К. Лазаров, Стојановиќ, Кукоски и Ангеловски и пикерите В. Маркоски, С. Стоилов и Ѓоргоноски. (Р.Д.) |