04.03.2012, 18:40 Mobile World Congress 2012: Големите дисплеи доминaнтни во Барселона
„Самсунг“, HTC, „Нокија“, „Сони“ и LG презентираа смартфони со екрани поголеми од четири инчи, како и уреди кои ја поддржуваат LTE-мрежата
Никола Бурагев
Барселона изминатава недела седми пат беше домаќин на најголемиот саем на мобилната индустрија Mobile World Congress. На саемот присуствуваа водечките производители на мобилни уреди, претставниците на операторите и останатите играчи во телекомуникациската индустрија. Она што беше видливо уште на прв поглед е фактот што повеќето од нив презентираа смартфони со екрани поголеми од четири инчи, како и уреди кои ја поддржуваат LTE-мрежата (4G), што е веќе стандард во Америка.
НТС ја претстави серијата смартфони One
Компанијата HTC во Барселона претстави нова серија смартфони НТС One со посебен дизајн, подобрен квалитет на камера и автентичен звук. Тие ќе бидат достапни на пазарите во светот од април.
HTC One X има лесно поликарбонатско куќиште од еден дел процесор Nvidia tegra 3, кој придонесува за јасна графика, побрзи апликации и подолг век на траење на батеријата, а работи на 1,5 GHz.
HTC One S има 1,5 GHz Qualcomm Snapdragon S4 dual-core процесор, 4,3 инчи екран и метално куќиште од еден дел, и е најтенок НТС телефон (7,9 мм). Има мат-керамичка површина што е резултат на МАО оксидација, процес кој се користи за изработка на сателити. Моделите HTC One работат на најновата верзија на Андроид оперативниот систем 4.0.
„Самсунг“ со дури три нови таблети
„Самсунг“ годинава на MWC презентира дури три таблет-уреди, како и еден прилично необичен смартфон. Galaxy Tab 2 доаѓа во две варијанти: со екрани со дијагонала од 7 и 10,1 инчи, а и двата се логични надградби на оригиналната серија Galaxy Tab. Освен големината на екранот, имаат доста слични спецификации: процесор со работен такт од 1 гигахерц, камера со резолуција од 3 мегапиксели и работат на Андроид 4.0.
Нешто поинаков е Galaxy Note 10,1, чија главна карактеристика е користењето на S Pen, што е одлично интегриран со функциите и апликациите кои ги нуди уредот. Во споредба со неговиот претходник со 5,3 инчен екран, новиот таблет со скоро двојно поголем екран не остава простор за сомневање дека се работи стриктно за таблет. Samsung Galaxy Note 10.1 има двојадрен процесор со работен такт од 1,4 GHz, HSPA+ конективност и работи на Android 4.0 Ice Cream Sandwich. Дополнителни спецификации за таблетот не се претставени.
Таблетот исто така овозможува да биде употребен како таблет за цртање, нагласувајќи ја употребата на S Pen во апликациите кои доаѓаат со него, како Adobe Photoshop Touch.
На крајот тука е и новиот смартфон на Самсунг, Galaxy Beam, кој воедно е и мобилен проектор. Има двојадрен процесор на 1 гигахерц, дисплеј со дијагонала од 4 инчи, камера со резолуција од пет мегапиксели, но работи на прастариот Андроид 4.0.
„Нокија“ ги презентираше Lumia 610 и Lumia 900
Помалиот од двата нови телефони на „Нокија“ работи на Windows Phone 7.5, и поседува процесор Snapdragon S1 со работен такт од 800MHz и едно јадро, 256MB RAM како и капацитет од 8 гигабајти. Телефонот има 3,7 инчен екран, а целиот уред тежи 131,5 грама.
Камерата на Lumia 610 располага со резолуција од 5 мегапиксели со автоматски фокус и LED-блиц. Телефонот има и Wi-Fi, Bluetooth, GPS како и 3.5 милиметарски влез за слушалки, microUSB порт и батерија со капацитет од 1300mAh. Lumia 610 ќе се нуди во бела, цијан, магента и црна боја, а ќе чини 189 евра. Очекувањата се дека на пазарот ќе се појави во вториот квартал на годинава.
Атрактивниот Nokia Lumia 900 оваа година ќе дебитира на пазарот. Овој Windows Phone од високата класа, доаѓа со 4,3 инчен ClearBlack AMOLED екран за врвна слика. Уште една од предностите е големиот капацитет на батеријата, што го прави новиот телефон Lumia одличен за пуштање разни забавни содржини, како видеа или музика.
Примарната камера има Carl Zeiss, и голема бленда за подобрени перформанси во услови на слабо светло и широк агол за слики во 16:9 размер. Ова е првиот телефон со предна камера и можност за видеоповици. Моделот ќе биде достапен во вообичаените бои - бела, цијан и црна, а ќе се продава по цена од 480 евра. Слично како и помалиот модел, и овој телефон ќе биде достапен од вториот квартал на 2012 година. |