07.12.2012, 16:59 За бесплатен гинеколошки преглед плаќала по 500 денари
Иако избрала матичен гинеколог, 24-годишната Ф.Х. од Шуто Оризари тврди дека лекарот и' го наплатувал секој преглед
Јасмина Јовановска-Вељановска
За обичен гинеколошки ехопреглед матичниот гинеколог ми наплати 500 денари. Ова го тврди 24-годишната Ф.Х. од населбата Шуто Оризари, која дури подоцна разбрала дека била изманипулирана, бидејќи тој преглед е бесплатен. На оваа млада жена не и' се случило само еднаш да и' земат пари за преглед, туку секој пат кога ќе се појавела во гинеколошката ординација, било да е за контрола или за нов здравствен проблем. Таа не сака да открие кај кој гинеколог одела на прегледи, за да нема проблеми, туку само вели дека се наоѓа во строгиот центар на Скопје.
„Имав инфекција на гениталиите и морав да одам на чести контроли. Секое одење на гинеколог ме чинеше најмалку 500 денари. Кога ми направи и микроскопски преглед лекарот ми наплати дури 1.500 денари“, раскажува Ф. Х., која во земјава се вратила пред една година и не знаела дека кај матичен гинеколог речиси сите прегледи се бесплатни или имаат минимална доплата.
За незаконското наплаќање на прегледите случајно дознала при разговор со сосетките и другарките, а на тоа и' укажале и од канцеларијата на невладината „Хера“, која со години спроведува репродуктивна едукација на жените Ромки во Шуто Оризари.
„Јас се водам како невработена и имам син картон за здравствено осигурување. Другарка ми и свекрвата ми кажаа дека во таков случај лекарот може да земе 50 до 200 денари за партиципација, но прегледот никако не може да чини 500 или 1.500 денари. Тоа било премногу“, се жали Ф.Х.. Таа е мајка на две деца и иако за неа 500 денари се многу пари, сепак некако се снаоѓала да го плати прегледот, затоа што, како што вели самата, „кога е во прашање здравје мора да се најдат пари“. Нејзиниот сопруг, исто така е невработен, но работел како музичар по кафеани и така нешто заработувал.
Таа тврди дека ги имала запазено сите административни формалности за да и' биде матичен лекар гинекологот кај кој одела на прегледи. Кога прв пат се појавила кај гинеколог потпишала изјава тој да и' биде матичен лекар и дала сино картонче дека е здравствено осигурана. И покрај тоа што била евидентирана како пациентка на гинекологот, сите прегледи и' биле наплатувани како приватни здравствени услуги за кои дури не добивала ни фискална сметка, ниту некоја белешка, освен лекарскиот извештај.
Кога во ординацијата прашала зошто за прегледите и' земале толку пари, и' одговориле „така е според прописите“.
„Сестрата ми одговори ’па ти немаш матичен гинеколог и затоа се наплаќа‘. Уште ми рече, ’па види во книшката немаш печат од матичниот гинеколог‘“, вели Ф.Х., која од „Хера“ подоцна и' објасниле дека токму тоа е манипулацијата за да и' наплаќаат за прегледите. Иако е револтирана што гинекологот ја изиграл за прегледите, сепак Ф.Х. е многу задоволна од неговата стручност. „Ми откри заболување на матката поради кое повеќе не смеам да останувам бремена, кое ми го потврди и друг гинеколог“, додава Ф.Х..
Таа е еден од деведесетте случаи на жени кај кои „Хера“ открила дека гинеколози им ги наплатувале прегледите, иако според законската регулатива прегледите кај матичен гинеколог се бесплатни или има минимална партиципација. За да се разоткријат лекарите кои ги злоупотребувале пациентите, „Хера“ доставила пријави до Народниот правобранител и до Фондот за здравствено осигурување.
„Доставивме 13 пријави кои се колективни, бидејќи се однесуваат за слични манипулации кај тројца матични гинеколози, кои всушност наплатувале прегледи и не издавале фискални сметки“, ни рекоа во „Хера“.
И од оваа организација не сакаат да ги откријат имињата на гинеколозите.
Во канцеларијата на Народниот правобранител ни рекоа дека веднаш постапиле по пријавите добиени од „Хера“ и се обратиле до Фондот за здравствено осигурување за да укажат да направи надзор на посочените гинеколошки ординации. „Констатиравме дека се прекршени три закони, за здравствена заштита, за здравствено осигурување, како и за заштита на личните податоци, бидејќи имаше случаи да им се задржуваат личните документи зашто немале пари да платат за дадената здравствена услуга. За овие прекршувања немавме детални податоци на лицата и дадовме општа препорака дека не смеат да се зад��жуваат личните документи, туку само да се земат лични податоци, а потоа има други начини како да се наплати услугата. Од Фондот ни ветија дека ќе направат контрола во посочените гинеколошки ординациии и ќе преземат соодветни мерки. За неиздавање фискални сметки, ординациите веќе се пријавени и во УЈП“, ни изјави Иџет Мемети, Народниот правобранител.
Од Фондот за здравствено осигурување, пак, ни рекоа дека контролата на ординациите се' уште е во тек иако случаите се пријавени уште пред околу месец и пол. И од Фондот не сакаат да обелоденат кои гинеколошки ординации ги наплатувале прегледите. „Нека кажат од ХЕРА, тие ни ги доставија пријавите. Дел од ординациите се исконтролирани, дел се во постапка на контрола, но поради обемност и начинот на вршење мобилна контрола не може преку ноќ да се заврши постапката, а таа да биде квалитетна“, ни одговорија од Фондот, од каде што додадоа дека додека трае контролата не сакаат да ги обелоденат имињата на ординациите.
Доколку се потврдат нерегуларностите, тогаш гинеколозите ќе бидат казнети и на оштетените пациенти ќе им се вратат незаконски земените пари.
Да се откријат гинеколозите кои наплатувале
Ако за гинеколозите има тужби со име и презиме на оштетените пациенти, тогаш да се наведат ординациите. „Не може да се прозиваат сите 129 матични гинеколози во земјава кои регуларно си ја вршат работата“, ни изјави д-р Душко Филиповски, претседател на Здружението на матични гинеколози. Тој реагира зошто „Хера“ пред да излезе со обвинувањата не ги контактирале како здружение за да го согледаат проблемот.
За да нема вакви обвинувања, д-р Филиповски укажа дека здравствените власти треба да дефинираат гинеколошки пакет услуги кои следуваат со сино картонче. „Сега постои голема разлика меѓу цената на гинеколошкото здравје на жената, која за државата изнесува 50 денари и реалните трошоци кои ги имаат ординациите“, потенцира д-р Филиповски. |