15.08.2012, 18:49 Едиторијал
Помирувањето не може да почне од Слупчане
Александра М. Митевска
Тројца членови на Владата, во придружба на неколкумина во армиски униформи, се поклонија пред споменикот на загинати припадници на УЧК во Слупчане, кумановското село кое во конфликтната 2001 година беше една од критичните коти. Лавина од реакции предизвика тој чин пред паметникот на ОНА, чии припадници пред 11 години ја испровоцираа безбедносно-политичката криза во Македонија и се бореа против институциите на државата, односно против службените армиски и полициски сили.
Сепак, за потегот на министерот за одбрана, Фатмир Бесими, на вицепремиерот Муса Џафери и на заменик-министерот за внатрешни работи, Џељал Бајрами, може да се каже дека е неоправдан или дека е избрзан, но не и дека е неочекуван.
Настанот кој едни го квалификуваат како скандал и провокација, а други како гест за помирување, се случи неколку часа пред свечениот прием по повод единаесетгодишнината од Рамковниот договор. Коктелот на Кале, слично како и случајот во Слупчане, покажа дека македонските општество и политика се' уште не ја достигнале фазата на зрелост, која подразбира помирување со минатото, но и помирување меѓу оние кои во 2001 беа на различни страни.
Двата настана сигнализираат дека и 11 години потоа во македонската стварност функционираат два одвоени света, кои, едноставно, се принудени на соживот и на компромиси. Колку се тие подалечни, толку се помали шансите да се судрат меѓу себе, но и да ги откријат допирните точки. На такви основи функционираат релациите во Владата, аналогно на тоа и во државата...
Затоа и не е изненадување што „македонскиот дел“ од Владата, Генералштабот на АРМ и шефот на државата (и врховен командант) не знаеле дека тројца владини членови и неколкумина униформирани лица патуваат кон споменикот во Слупчане. Ова кумановско село, веројатно, е под надлежност на „другиот дел“ од власта, така што министрите на ДУИ тешко дека можеле да бидат спречени во намерата, особено по резервираноста што ВМРО-ДПМНЕ и годинава ја манифестира кон Рамковниот договор.
Фатмир Бесими е првиот Албанец кој дојде на функцијата министер за одбрана. Тој чин минатата година беше протолкуван во политичката јавност како голема отстапка кон ДУИ - партијата која од 2002 година досега речиси цело време е во власта, а која произлезе од паравоената ОНА, која, пак, беше разоружана и амнестирана по донесувањето на Охридскиот договор и завршувањето на воениот конфликт. Но, распуштањето и помилувањето на ОНА, како и нејзината трансформација во политички субјект, не значи и нејзино признавање и официјализирање.
Од тој аспект, во овој момент, тешко може да се најде оправдување за потегот на министрите во Слупчане. Така, веројатно, ќе биде се' додека не се се затвори и последното отворено прашање од конфликтот во 2001... Се' додека не се расветли вистината за киднапираните, додека не се создадат услови за враќање на сите раселени во нивните домови...
Гестот на Бесими не може да се релативизира ниту со фактот дека тој е првиот министер Албанец кој положил цвеќе на Карпалак, каде што загинаа припадници на македонските безбедносни сили, затоа што тој тоа го направи во својство на член на Владата , а не на етничката заедница на која и'припаѓа.
Помирувањето, едноставно, не може да почне од Слупчане, но може да тргне од „Илинденска“. |