16.08.2012, 18:20 Што се крие зад новиот слоган на ВМРО-ДПМНЕ
Каков кандидат му треба на СДСМ за да го победи Трајановски
Горан Адамовски
Сите партии прават иста грешка: го промовираат слоганот во пресрет на изборната кампања, а уште немаат направено ниту програма. Од друга страна, мотото „Заедно можеме повеќе“ е премногу општо, не кажува кои конкретни чекори ќе се преземат и повеќе наликува на парола за натпревар, укажуваат експертите по завчерашната промоција на слоганот со кој ВМРО-ДПМНЕ ќе јуриша на престојните локални избори.
„Прво и основно, кога се прави кампања, се прави програма и врз основа на тоа се прави слоганот, а колку што ми е познато, програма за локалните избори во ВМРО-ДПМНЕ не е објавена, освен конкурсите за градоначалници, кои се' уште се во тек. Потоа, се преземаат сите потребни чекори во кампањата и дури на крајот се промовира слоганот“, укажува комуникологот Билјана Петровска. Според неа, не е добро веднаш да се почне со мотото, оти тоа може да се коси со активностите и промоциите на терен.
„Но, тоа е грешка што ја повторуваат речиси сите партии“, вели Петровска.
Само што се врати од одморот во Турција, премиерот Никола Груевски се качи на импровизирана бина кај Соборниот храм и го претстави новиот кампањски слоган „Заедно можеме повеќе“. Судејќи според зборовите на премиерот, мотото ќе го претставува здруженото работење на сите во Владата, градоначалниците, претпријатијата, советите на општините, граѓаните...
„Овој слоган претставува прогрес во проектите. Заедничко развивање на проектите и решавање на проблемите на граѓаните. Слоганот ќе го продолжиме и по изборите. Слоганот е филозофија на живеење, начин на кој треба да размислува секој човек“, рече Груевски.
Од зборовите на Груевски може да се заклучи дека трката за Скопје ќе ја трча Коце Трајановски. Премиерот е презадоволен од актуелниот градоначалник, смета дека Скопје сега не е истиот град од пред четири години.
„Се гради насекаде, Скопје е едно големо градилиште. Таквото темпо е забележително во секој дел од градот. Се работи со полна пареа и паралелно на сите проекти, токму онака како што беше во изминатиов период. Чекор по чекор се решаваат голем дел од проблемите на граѓаните, наталожени со години. Скопје, конечно, го има вистинскиот градски татко со точни и прецизни планови и за наредните неколку години“, рече Груевски и го прати Трајановски на изборната патека.
Но, токму имиџот на Трајановски, кој постојано е активен на терен, и постојаните градежни зафати кои станаа белег на неговото владеење, ќе бидат голем предизвик за опозицијата. Професорката Јасна Бачовска смета дека Скопје е местото, кое фактички ќе ги прогнозира и проектира и главните избори.
„Сметам дека спротивната страна, односно опозицијата треба да понуди видеоизменета политичка реторика и имиџ, кој видно ќе се разликува од она што го нуди владејачката партија. Да не се греши како во случајот со Шекеринска, кога се обиде да го копира популистичкиот стил на Груевски, па тоа испадна смешно и неуспешно. Потребна им е реторика својствена за социјалдемократите во светот“, укажува Бачовска.
Според неа, кандидатот на опозицијата треба да биде афирмирана и докажана личност во некоја област, човек што ќе може да конкурира на стилот на Трајановски и проектите што му се случуваат на главниот град.
„Копјата ќе се кршат околу ‘Скопје 2014‘, затоа на СДСМ и нивните партнери ќе им треба добро испланирана програма, во која ќе биде пресметана општествената корист и општествената штета од овој проект. ‘Скопје 2014‘ му се случува на градот и не треба опозицијата да оди на карта на негирање. Се поставува и прашањето на агресивноста во кампањата. Да, СДСМ ќе мора многу да вложува во еден агресивен маркетинг за да може да парира на власта“, објаснува Бачовска.
|