17.08.2012, 16:41 Никој не ги сака „мерцедесите“ на Коце
Двата „мерцедеса“ сега се продаваат поевтино, за почетни 2.400 евра, односно 2.000 евра
Деспина Трајковска
Никој не сака да ги купи „мерцедесите“ во кои до неодамна се возеше градоначалникот Коце Трајановски. Поради нивна дотраеност и небезбедност, тој одлучи да ги продаде, а за свои потреби на услуга доби запленет „мерцедес“. Како тргнале работите, ништо чудно старите „мечки“ да завршат на отпад како старо железо. Некогаш репрезентативните возила, купени уште во времето на Ристо Пенов, повеќе месеци стојат паркирани пред градските бараки. Правливи и амортизирани, препознатливиот зелен и сребрениот мерцедес „бенз С 320“ чекаат нови газди. Но, досега безуспешно.
На лицитацијата што се организирала неодамна немало заинтересиран купец за ниедно од возилата. Со одлука на градскиот Совет, беше најавено дека за едната „мечка“ во која се возеше Трајановски, произведена 1996 година, ќе се лицитира со почетна цена од 3.000 евра, а за другата, произведена една година порано, почетната цена беше утврдена на 2.500 евра. Но, на лицитацијата се продала само една стара „лада самара“, а нов газда не добило ниту едно товарно „рено“ старо 30 години кое заедно со другите возила беше предмет на лицитирање.
Градските служби сега по втор пат ќе се обидат да ги продадат градоначалничките „мерцедеси“ и „реното“, кое инаку не е во возна состојба. Овој пат дури ќе се продаваат и поевтино.
„Град Скопје објави нов оглас за јавно наддавање за возилата, бидејќи во претходниот оглас тие не беа продадени“, накусо велат од Градот.
На новата лицитација, „мерцедесот“ во кој се возеше Трајановски ќе се продава за почетни 2.400 евра наместо 3.000, колку што беше утврдена почетната цена за првата неуспешна лицитација. Стартната цена, пак, за другиот „мерцедес“ ќе изнесува 500 евра помалку од претходно, односно почетната цена за него е 2.000 евра.
Инаку, возилата иако дотраени и амортизирани, сепак, се во возна состојба. Но, факт е дека новиот газда ќе треба да им направи комплетна генералка доколку сака безбедно да се вози во нив.
Градските власти објаснија дека отуѓувањето на моторните возила се укажало како неопходно, пред се', поради фактот што тие биле со поодминати години на производство и крајно амортизирани од повеќегодишната употреба.
Градот купува седум нови возила, но не за Трајановски Градските власти вчера распишаа оглас за набавка на седум моторни возила. Во огласот не е прецизирано какви перформанси треба да поседуваат автомобилите. Единствено, се вели дека предмет на набавка се шест патнички моторни возила и едно товарно возило.
Од кабинетот на градоначалникот, пак, вчера тврдеа дека во случајов не станува збор за набавка на ново возило за потребите на Трајановски. Тој, како што неколкупати истакна изминатава година откако се откажа од набавката на „мерцедесот“ вреден речиси 100.000 евра, до крајот на мандатот нема да купува автомобил за свои потреби.
„Јавниот повик е објавен врз основа на Одлука на Совет на град Скопје и сите возила кои ќе се набават ќе бидат во функција на градската администрација. Значи ниту едно возило не е наменето за градоначалникот“, информираа вчера од градот.
|