20.08.2012, 17:57 Мислења
Погубните дисконтинуитети на ВМРО-ДПМНЕ
Манчо Митевски
Првиот дисконтинуитет ја загрози Македонија безбедносно и територијално, а вториот национално, идентитетски, економски
Македонски Состојби
Деновиве читам во едно интервју, лидерот на опозицијата Бранко Црвенковски кажува дека луѓето со кои секојдневно се среќава на терен, му велеле дека е „дојдено време за промени, за нов почеток“. Како искусен политичар, веројатно, не мисли на онаа лоша практика на секоја нова власт дека светот почнува од неа, а особено не на почнување радикален дисконтинуитет со се' што работела или направила претходната власт, иако тоа не значи дека не треба да ја спроведува својата ветена политика и да ги исправи грешките што ги направила претходната власт, за што и ги загубила изборите. Ваквата изјава ми дојде како убав шлагворт за анализата токму на погубните ефекти врз државата, општеството и граѓаните од секој досега спроведен радикален дисконтинуитет во кратката историја на самостојна Македонија, чии негативни импликации во овие моменти се' повеќе доаѓаат до израз.
Македонија имаше мирен и демократски преод од еден систем во друг, со успешни повеќепартиски избори во 1990 година и од федерална единка во поранешна Југославија во независна и самостојна земја во 1991. Континуитетот на изградба на институциите, донесувањето на законите и заокружувањето на општеството продолжи до 1998 година.
Уште во предизборната кампања коалициските партнери Љупчо Георгиевски и Васил Тупурковски најавија радикален дисконтинуитет со се' што правела претходната влада и убедливо ги добија изборите. Таа теза ја прифати владиниот коалициски партнер од албанскиот корпус, ДПА на Арбен Џафери. Иако повеќе се очекуваше идеолошки радикален дисконтинуитет, тој беше најизразен во сферата на надворешната политика, релациите со соседите и во меѓунационалните односи. Со признавањето на Тајван за, наводно, милијарда долари, Македонија ја напуштија единиците за превенција на ОН, па поради комплицираната состој��а во Косово, земјата беше загрозена безбедносно. Кина ги прекина дипломатските односи, а САД и нивните западни партнери се пасивизираа во поглед на Македонија.
Со доктрината „позитивна енергија со соседите“, ќаруваа само соседите, Македонија само правеше отстапки, дури и на своја штета (јазичниот спор со Бугарија беше разрешен на начин со кој во меѓудржавниот договор, јазикот наместо македонски беше именуван како „уставниот јазик на Република Македонија“!). Со доктрината, пак, за „релаксирани меѓунационални односи“, проблемите во оваа сфера наместо да се решаваат, се ставаа под тепих, а вербално се декларираше дека тие не биле никогаш подобри! Со партизирањето на институциите настрадаа безбедносните системи, па не можеа да сигнализираат на евидентните безбедносни закани.
Како резултат на таквиот дисконтинуитет се случи воениот конфликт во 2001 година, а малку недостигаше земјата да биде поделена, за што се појави и предлог од Георгиевски и Џафери, чија погубност граѓаните веднаш ја препознаа, па експресно и решително го одбија. На изборите во 2002, власта на ВМРО-ДПМНЕ која направи радикален дисконтинуитет, убедливо загуби, ДА на Тупурковски ја снема од политичката карта, но цехот го платија Македонија и нејзините граѓани.
Вториот радикален дисконтинуитет се случува од 2006 година наваму, повторно со ВМРО-ДПМНЕ, овој пат на чело со Никола Груевски. Иако изборите беа добиени на економска програма, иако по изборната победа владата на Груевски декларираше дека прв приоритет и' е економијата, владата на ВМРО-ДПМНЕ започна ненајавен радикален дисконтинуитет, прво во однос на ВМРО-ДПМНЕ на Љупчо Георгиевски, потоа во сите општествени сфери, базиран врз партиската програма, за потоа да се појави проектот „Скопје 2014“ со градење нова идентитетска идеологија базирана на антиката! Со тезата за наводна заштита на името, проширена и надградена со заштита и на идентитетот и јазикот, како добитна изборна комбинација, почнаа форсирани поделби на патриоти и предавници, кои потоа оркестрирано се разгрануваа во сите пори на општеството: внатренационални, историски, идентитетски, партиски, меѓунационални, верски, социјални, економски, статусни... Целиот овој дисконтинуитет се прави под паролата: реформи!?
Со „реформи“ на судството, на администрацијата, на институциите, на безбедносните системи, се прави нивна вмроизација, па тие наместо да бидат во функција на државата и на граѓаните, се ставени во функција на партијата. Со барањето нови идентитетски корени, се сечат корените на словенството - како базичен постамент за јазикот, писмото и многу други национални вредности - кои се историски и научно верифицирани. Се магинализира Народноослоботителната војна во која е создадена првата македонска држава, а се глорифицираат антиката и некои вмровски периоди и личности, кои голем дел од македонскиот народ не ги препознава како национално-историски заслужни и свои.
Ако со првиот дисконтинуитет (1998-2002) Македонија беше загрозена безбедносно и територијално, со актуелниот (2006- ...), како епилог: Македонија е загрозена национално (поделба на националното ткиво), економски-развојно (стагнација), институционално (партизација), идентитетски (дезориентација). Зад параванот на идеолошка промена и реформи на општеството, всушност, власта бара начини и инструменти – како (преку партизација и делби на се' во државата и општеството и со елиминирање на политичките неистомисленици) – да го зачува тронот.
Македонија веќе нема ни сили, ни ресурси, ни време за нови дисконтинуитети кои не носат ништо добро, а во основа значат поделби. Македонија е на работ. Стратегиските определби за влез во НАТО и ЕУ стагнираат седум години. Економијата крахира, невработеноста и покрај бришењата и ветувањата за нови 130.000 вработувања(!?) е алармантна, образованието ударнички создава нови необучени дипломци, а со тоа и нови контингенти невработени, сиромаштијата со секојдневните поскапувања ескалира, мизеријата станува имиџ. Македонија поради владиниот коалициски пазар не успеа да се попише, но не може се' да се скрие. Застрашувачки е податокот дека близу половина милион граѓани, четвртина од населението, претежно млади и учени, се иселиле. Земјава е пред демографски пресврт со политичко-статусни импликации – прв пат се изедначува процентот на новородени – Македончиња и Албанчиња...
Сево ова покажува дека на Македонија и' треба сериозна стратегија за сите сфери во општеството и државата и решавање на проблемите во континуитет. Радикалните дисконтинуитети се непознати во државите каде што владеат демократијата и правото и каде што за сите значајни прашања се дебатира. Почнувањето од почеток на секоја нова власт и дисконтинуитет со се' што направила претходната власт, низ примерот на Македонија, се покажаа погубни. Зашто, во Македонија поради етничките, верските и другите различности, и особено поради поделбите во сите сегменти што до екстрем ги доведе актуелното владеење на ВМРО-ДПМНЕ, радикалните дисконтинуитети се покажаа погубни. ВМРО-ДПМНЕ зазеде лош курс со ставот дека се' во државата и општеството почнува од 2006 година, од нивното доаѓање на власт. Од тоа што го направи, државата не напредуваше. Напротив!
(Авторот е новинар во пензија)
Наш став
Објавувањето колумни и мислења од надворешни автори е одраз на намерата на „Утрински весник“ да биде влијателен глас на заедницата. Но, напоменуваме дека не се согласуваме секогаш со ставовите што ги изнесуваат нашите колумнисти, особено кога станува збор за лични дисквалификации, етикетирања без основа и извртување на контексти со цел да се наштети на други личности од која било сфера. „Утрински“ се оградува од таквиот речник и конотации и ги смета за непримерни во јавната комуникација. |