20.08.2012, 18:00 Едиторијал
Кој ќе ги издржи поскапувањата
Сања Наумовска
Струјата, парното, горивата... а наскоро и лебот. Бранот поскапувања, дефинитивно, уште повеќе ја зовре температурата летово. Новите цени со силни удари се закануваат на и онака тенкиот семеен буџет на македонското семејство. Поскапувањата не' стегнаа за врат и најавуваат бурна есен.
Нема да бидеме поштедени од повисоки цени на уште многу производи без кои не можеме да преживееме. Една од нив е лебот. И тоа со истиот изговор како и досега. Светските берзи, новите цени, малите приноси, влијанијата од големите пазари. Стари изверглани фрази, кои го слушаме што и да поскапува. Ако се горивата, тогаш се берзите и цената на нафтата, ако е струјата, тогаш е увозот, берзите и цената на струјата, ако е парното, тогаш е или мазутот или гасот и пак берзите и цените.
Неоспорно е дека не сме имуни на поскапувањата во светот, но никако не можеме да го издржиме се' посилниот налет на раката на светските цени во плиткиот македонски џеб. А платите, навистина, се истите со години наназад. Барем за 90 отсто од Македонците кои работат.
А, тоа што уште повеќе ги плаши македонските граѓани деновиве, покрај секојдневното очекување што уште ќе поскапи и колкав процент од платата ќе изеде, е леснотијата со која сето ова го гледа македонската Влада. Реакција, речиси никаква. Мерки за ублажување на ценовните удари нема, јасно е дека граѓаните самите ќе треба да се снајдат. Не смееме да бидеме толку несериозни и да оставиме да не' носи ветерот кој дува од светските берзи, без притоа ниту да се обидеме да примениме некоја од мерките кои секоја Влада ги има на располагање и може да ги искористи за ги заштити своите граѓани од ценовните шокови.
Речиси на секое поскапување на горивата се поставува прашањето за намалување на акцизата, а одговорот е ист, намалување нема. Наместо да ги поттикне граѓаните да штедат струја или да користат алтернативни извори, и со тоа да се намали потрошувачката и увозот, секоја година се повторува истата приказна. Се увезува скапа струја, која на крајот ја плаќаат граѓаните.
И по последните најави на мелничарите ќе ги коригираат цените на лебот, Владата најави дека ако има потреба, ќе интервенира од државните резерви на пченица. Ама секако, за тоа, потоа. Веројатно е дека ќе дозволи прво да се повтори приказната од почетокот на годинава. Во јануари, прво поскапе лебот, па потоа следуваше интервенцијата од државните резерви. Штом се најавува, барањето на мелничарите за нова цена на лебот, веројатно, и ќе се исполни. Промената не' очекува во септември. Веројатно најтешкиот месец во годината за едно семејство. Почнува училишната година, се подготват и зимници. Не затоа што македонските домаќинки не се толку фини како европските, па не знаат да отидат во маркет и да си купат тегла ајвар или кисели краставички, туку затоа што претходно направиле математика, дека ако подготват зимница, ќе заштедат за во зимските месеци. Тогаш кога ги очекуваат огромните сметки за струја и за парно.
Новите цени евидентно е дека ќе бидат огромен удар по џебот на граѓаните, но и генератор на нова инфлација и зголемување на цените на другите производи. Граѓаните, пак, со истите плати, нема да имаат избор, туку ќе мора да се откажуваат од се', за да можат да купат најнеопходното. Цела плата ќе се троши за да се нахрани семејството, а ако остане, и да се платат сметките. И тоа важи за оние кои имаат плата. За над 300.000 кои немаат ниту вработување, ниту примања, веројатно ништо нема да им се смени. Гладни, жедни, и веројатно должни на секој чекор, биле и ќе си останат. И така до недоглед. Излез од магичниот круг не се гледа. |