23.08.2012, 16:55 Портрет - Фатмир Бесими
Тивкиот министер ја потресе Владата
Бесими, во изминатите осум години, изгради имиџ на умерен политичар, но неговиот потег во Слупчане предизвика радикални реакции
Александра М. Митевска
Фатмир Бесими (37), тивкиот министер во кабинетот на Никола Груевски, преку ноќ се најде во епицентарот на вниманието, по политичкиот земјотрес што го предизвика настанот во Слупчане. Тетовецот Бесими влезе активно во политиката пред осум години, а неговиот министерски стаж, досега, изнесува шест години. Во овој период, иако не се искачи многу високо во структурата на ДУИ, стана важен „играч“ на партијата во извршната власт.
Бесими изгради имиџ на умерен политичар, добро образован, кој течно го зборува македонскиот јазик и е прифатен од дипломатите. Ги придоби срцата на припадниците на македонската етничка заедница кога отиде да положи цвеќе пред спомен-плочата за загинатите кај Карпалак. Сепак, неговиот потег од пред десетина дена, кога се поклони пред споменик на ОНА, предизвика радикални реакции. Иако е јасно дека Бесими не дејствувал на своја рака, нему друштво во Слупчане му правеа уште неколкумина функционери на ДУИ - меѓу кои и влијателниот вицепремиер Муса Џафери, кон него се насочија критиките, но и ловориките, поради присуството и на неколкумина во армиски униформи.
Опозицијата, во прв момент, побара Бесими да понесе политичка одговорност, бидејќи ги прекршил надлежностите и процедурите, а сега смета дека Владата има колективна одговорност за настанот во Слупчане и за случувањата што следуваа потоа, а кои го исфрлија на површина паралелизмот меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, како партнери на „Илинденска“. Министерот за одбрана, деновиве, порача дека жали ако повредил нечии чувства, но дека не жали за потегот пред споменикот на ОНА и дека истото би го направил повторно. Неполн час потоа, премиерот Груевски соопшти дека Владата е во криза, поради промените во однесувањето на дел од раководството на ДУИ. Рече и дека го повикал на разговор Бесими, но не најави дека тој ќе понесе политичка одговорност за „Слупчане“. Според тоа, ако владејачката коалиција ја „преживее“ оваа криза, реални се шансите Бесими да остане на истата позиција. Особено поради впечатоците дека, по неговите последни настапи, вртоглаво му пораснал рејтингот во албанскиот политички блок, што значи и ветар во едрата на ДУИ.
Бесими ја почна министерската кариера кон крајот на 2004 година, во ресорот економија во Владата на СДСМ, а тогашниот мандатар Владо Бучковски го претстави како нова ѕвезда во владиниот кабинет. Тогаш Бесими имаше 29 години и ја напушти функцијата вицегувернер во Народна банка, на која, пак, дојде од позицијата директор на јавното претпријатие „Македонски аеродроми“. Претходно работел во секторот за анализи и истражувања во НБРМ и во филијалата на Стопанска банка во Тетово.
Во 2006 година, кога ДУИ не влезе во првата Влада што ја формираше Груевски, Бесими исчезна од јавна сцена. Во неговата официјална биографија стои дека во тој период бил ангажиран како економист во Светска банка, Приштина, Косово. Кога во 2008 година ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ склучија договор за коалицирање, враќањето на Бесими во земјава и на министерската функција во економија беше и повеќе од очекувано. Затоа, пак, за јавноста беше изненадување кога, по ланските предвремени избори, токму нему му припадна функцијата министер за одбрана. Изненадувањето, всушност, беше двојно - прво поради професионалната ориентација на Бесими, кој се профилира како истакнат економист, а потоа и поради тоа што прв пат Албанец беше избран за министер за одбрана. Актуелниот министер за одбрана, всушност, беше прифатливо решение за ВМРО-ДПМНЕ, поради неговата политичка умереност, но и затоа што во генералиите на Бесими не е запишан „командантски чин“ во ОНА. Но, овој пат, Бесими ги фати на препад коалициските партнери, бидејќи од неговиот гест пред паметникот на ОНА во Слупчане тргна конфликтот во Владата. |